Граѓаните во Центар Жупа потврдија дека знаат кој е вистинскиот правец, знаат дека државата треба да оди напред, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, по завршување на вонредните избори за градоначалник на општината, на кои победи единствениот пријавен кандидат на коалицискиот партнер на СДСМ, Турската демократската партија Аријан Ибраим.
-Сите деструктивни сили кои работеа да не успеат изборите се соочија со пораз, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во Центар Жупа.
Услов за успех на денешните избори во Центар Жупа беше одѕив на гласачите од една третина. Според информациите на ДИК, до 18.30 часот во оваа општина на гласање излегле 46,3 отсто.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повика Ковачевски да каже кого победил во Центар Жупа, кога имаше само еден кандидат.
-Изборите успеаја само затоа што сограѓаните од дијаспората се во Македонија.
Истовремено Ковачевски да каже кои се тие мрачни сили, и да не ја замајува јавноста со неговите лаги и обиди за прикажување на лажен триумфализам, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.