Базите на податоци доставени до ДИК не се квалитетни

by Фокус

Базите на податоци доставени од различни институции до ДИК за да се направи нивно вкрстување а со цел верификација на избирачкиот список не се доволно квалитетни за  споредба со други институции. Ова е една од причините за доцнењето на импортирањето и конверзијата на базите на податоци од различни институции доставени до ДИК- објави порталот НОВА.

Како што се дознава ова е една од констатациите кои ќе се најдат во извештајот за напредок според кој треба да се донесе одлуката дали Македонија е подготвена да спроведе фер и демократски изборен процес на 24 април.

Во извештајот исто така се вели:

„Базите на податоци од дел од институциите и покрај тоа што беше експлицитно побарано, пристигнаа без хаш податок со кој се верификува интегритетот на истите и истите беа побарани повторно заедно со хаш податокот.

Дел од базите кои пристигнаа беа во формати кои не ги следат “best pratices”  за размена и експортирање на бази на податоци. Базите кои што пристигнаа беа во различен формат.

Бази на податоци од дел од  институциите кои никогаш до сега не биле споделувани, односно биле доволно добри сами за себе се покажаа како не доволно квалитетни за  споредба/размена со други институции.

Дел од проблемите кои произлегоа не можеа да се предвидат предвреме“ се вели во извештајот во врска со процесот на прочистувањето на избирачкиот список.

Се уште не може да се каже кога ќе биде завршено прочистувањето на Избирачкиот список бидејќи има многу ризици кои не може да се предвидат. Ова денеска членовите на Државната изборна комисија им го кажале на амбасадорите на ЕУ и на САД, кои беа во посета на Комисијата a во врска со ставот кој треба да го објават во петок за тоа дали до 24 април може да се создадат услови за фер и демократски избори.

Поврзани новости