Лидерот на албанската опозициска демократска партија, Љуљзим Баша, ден по одржувањето на Народното собрание, свикано од него и референдумот за негово разрешување, што го организираше Сали Бериша, преку видеопорака порача дека демократите ја избрале иднината, а не минатото, мислејќи на Бериша.
По завршувањето на Народното собрание на Демократската партија што се одржа во Палатата на конгресите, Баша рече дека има само едно Собрание и тоа се одржало денеска. Тој уште еднаш кажа дека нема да се повторат грешките од минатото, јави дописничката на МИА од Тирана.
– Денеска се одржа Собранието на демократите, ’96 е срамна дамка во историјата на ПД за која им се извинуваме на Албанците. Ова е дом на демократите и демократите се горди на она што го постигнаа за Албанија. За жал, во ’96 година покренавме нешто зло што донесе не само отстранување на ДП од власт, туку и осумгодишен реваншизам, рече тој алудирајќи на периодот кога на чело на партијата беше Сали Бериша.
Додава дека ПД првата опозициска партија, партијата на надежта на Албанците и без никаква дискусија „мораме да бидеме таму каде што треба да бидат и Албанија и Албанците, на природна позиција во западната цивилизација“.
-Ова вонредно Собрание го свикавме за да одлучиме појасно од кога било и сакав да слушнам повеќе од кога било од делегатите: Ќе ја избереме ли иднината? Дa, вели Баша.
Нa вчерашниот референдум за разрешување на Баша, „за“ се изјасниле околу 44 илјади демократи, од вкупно 75 илјади, додека пак Националното собранието донесе одлука со која Бериша е исклучен од сите партиски структури.
Внатрешните проблеми во Демократската партија се продлабочија откако Баша го исклучи Бериша од парламентарната група на ПД, по неговото прогласување за „нон грата“ од САД. По овој настан, поранешниот лидер на Демократската партија почна да одржува средби низ целата држава, а формира и Комисија за обновување на партијата.