Разрешувањето на спорот за името е од клучно значење за зачленување на Македонија во НАТО, но, покрај взаемно прифатливото решение на спорот, тука е и важноста на реформите и стабилноста во земјата, вели капетан Горазд Бартол, шеф на воената канцеларија за врски на НАТО во Скопје, во интервју за „Јуропиан Вестерн Балканс“.
Според Бартол, формирањето на новата влада е исчекор кон вистинската насока. Но, новата влада, додава тој, мора да се зафати со реформите, а партиите да ја надминат поделеноста и конструктивно да се вклучат во политичкиот процес.
„Охрабрени сме од фактот што владата почна тесно да соработува со еврокомесарот Хан и со Прибе за итните реформски приоритети, на кои НАТО им придава голема важност. Всушност, реформите спроведени заради интересите на сите граѓани на земјата носат полза во три аспекта: помагаат да се зацврсти стабилноста во земјата, помагаат на земјата да се придвижи во поглед на евроатлантските интеграции и ја засилуваат отпорноста на земјата кон вмешувања од страна“, вели Бартол.