Навистина, кога се даваат помилувања, не се помилува академската фела. Но, сепак, е симптоматично како и актуелната претседателка Сиљановска и нејзиниот претходник помилуваа двајца припадници на криминалниот клан „Барон“, кој во меѓувреме стана и познат. На Пендаровски му помина помилувањето, а најверојатно ќе поминеше и ова помилување, да не беше пукањето во Чаир.
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Баронот Минхаузен во далечниот 18 век морал да измислува неверојатни приказни за неговите „јунаштва“, кои на луѓето, иако им изгледале чудесни и неверојатни, обожавале да ги слушаат. Денешниот „Барон“ не треба да измислува приказни за да биде во фокусот на јавноста, тие „авантури“ и „јунаштва“ се вистински и реално се случуваат тука.
Па, така „Баронот“ Акиф Равманоски, чие „уметничко“ име е Акиф Јусуфи излегува од „Идризово“ да оди на работа на 14 октомври. Но, наместо на работа, пука во Чаир и си се враќа в затвор. Едно лице тогаш е тешко рането, но Акиф како награда добива помилување.
За Денот на револуционерната борба е прв на списокот, кој со свој потпис го запечатила претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Па, на Инстаграм дури и ѝ се заблагодари: „Се гордеам што токму Вие сте нашата прва дама“.
Со помилувањето, Акиф требаше да добие условна слобода оти бил осуден само за некое оружје и неколку куршуми што му биле најдени дома. Кога почна да се шири списокот во јавноста, Акиф Равманоски не беше баш познат, сѐ додека не се поврза со Акиф Јусуфи, кој, всушност, е сопственик на кафулето „Барон“ во Чаир.
За оваа релативно нова нарко-група почна да се зборува и да се пишува по двојното убиство во „Шиша бар“. Првпат беше спомената во неделникот „Фокус“, кога во серија текстови пишувавме за скопското подземје.
Се брендирала токму според кафулето во Чаир, кое беше и запалено, а во неа членуваат повратници од боиштата во Сирија, истренирани борци, кои се борат да земат дел од криминалниот пазар. Сите припадници за кои има некакви информации дека се дел од оваа група имаат две имиња.
Така и Акиф. Проверката дали токму Акиф, кој пукаше пред некое време во Чаир, е прв на списокот за помилување, не беше воопшто лесна. Дури ни во затворот каде што е сместен, не знаеја дека Акиф треба да си оди со амин на претседателката. Забуна направија и неговите две имиња, но на крај се совпаднаа иницијалите А.Р. со помилуваниот и со осомничениот за пукање во Чаир.
Професорот Калајџиев дури и ги искара новинарите што му ѕвонат така доцна навечер за да прашаат дали лицето што е помилувано е истото она што пукаше неодамна. Сите институции, Кабинетот на претседателот, Министерството за правда, Управата за извршување санкции молчеа.
На професорот, на крајот сите му беа виновни што го помилувале Акиф. Најмногу новинарите, што правеле сензација од помилувањето на осуденик. Па, не можеле тие да ги следат осудениците на секој чекор.
Потоа виновни му беа и затворот и судот што давале толку оскудни информации за осудениците што биле на списокот за помилување што им го испраќа Министерството за правда. Тоа, пак, само давало негативни мислења.
Членовите на комисијата за претседателката поднесоа оставка, МВР го уапси Акиф на излегување од „Идризово“, но Калајџиев не призна дека згрешиле што го помилувале. Имаше многу јавни изјави и гостувања во емисии, но никој не објасни како од списокот од Министерството за правда, на кој имало 88 лица како предлог за помилување, бил избран токму Акиф.
Претседателката, пак, даде само една изјава. Слушнала многу интересни имиња во јавноста, но во негативна смисла, ама толку ѝ верувала на Комисијата за помилување, што речиси бланко ги потпишала нивните предлози.
Тие предлози, пак, биле пратени уште во времето кога министер за правда беше Кренар Лога, кој сега е опозиција. Ама и Лога дал за сите негативно мислење, па не можат да го обвинат него.
Акиф секако дека има право да бара помилување како и сите други осуденици, но во нормални околности не може да пука низ Чаир и да очекува да биде помилуван.
Но, ниту претседателката, ниту членовите на нејзината комисија, поим немале кој е тој. Иако следеле медиумите, иако новинарите пишуваат за овие криминални групи со кои се поврзуваат многу нерасветлени мафијашки убиства. И што би рекол Калајџиев, тој формално бил осуден само за неколку куршуми и оружје.
И Ал Капоне беше обвинет само за даночно затајување, иако потоа се снимија многу филмови за него. На професорот дури му текна идеја да ги посетуваат затворениците на една неформална средба пред да ги помилуваат.
Но, не мора ниту тоа да го прават. Доволно било да го консултираат само директорот на затворот, кој со години се справува со најтешкоосудени затвореници во мизерни и невозможни услови, за кои сведочел и самиот Калајџиев. Доволно било да следат што пишуваат новинарите, а не да ги обвинуваат.
И навистина, кога се даваат помилувања, не се помилува академската фела. Но, сепак, е симптоматично како и актуелната претседателка и нејзиниот претходник помилуваа двајца припадници на овој клан, кој во меѓувреме стана и познат.
На Пендаровски му помина помилувањето, а најверојатно ќе поминеше и ова помилување, да не беше пукањето во Чаир. Кога никој не е одговорен и згрешил се најавуваат измени во изборот на комисијата за помилување, измени на Законот за помилување.
Но, со оставката на Комисијата, тие ја помилуваа и претседателката, чиј потпис стои на списокот за помилувањата. Баронот Минхаузен бил еден и единствен, а сега има многу Минхаузени, кои секој ден раскажуваат приказни, вистински, реални, но само за перење на својата одговорност.