Барикадите на Косово се отстранети, но двата премини остануваат затворени

by Фокус

На северот на Косово, барикадите се отстранети од сите патишта за да се овозможи сообраќај, но како што јави известувачот N1, премините Јариње и Брњак се уште се затворени.

Барикадите Србите ги поставија вчера пред почетокот на спроведувањето на одлуките на Приштина за регистарски таблички и лични документи.

По притисокот на меѓународната заедница, Владата на Косово вечерва се согласи спроведувањето на тие мерки да се одложи за 30 дена.

Преминот Јариње се уште е затворен и не може да се помине дури и пеш. Од двете страни на преминот се формирани колони возила.

Слична е состојбата и на преминот Брњак, додека на преминот Мердаре сообраќајот се одвива нормално, со тоа што на сите со српски лични карти и натаму им се издаваат пропратни документи за влез-излез.

Косовската полиција претходно соопшти дека премините Брњак и Јариње ќе бидат пуштени за сообраќај веднаш по отстранувањето на сите барикади, а на овие премини нема да се применува уредбата на косовската Влада со која се забранува влез на територијата на Косово со српска лична карта.

Поврзани новости