На денешното рочиште за судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведочеше и сестрата на обвинетиот Александар Ѓорчевски, татко на убиеното девојче.
-Ми се јави мајка ми и ми кажа дека Вања ја нема. Потоа го побарав брат ми Александар, како и Зорица. Од 28 ноември секој ден бев во домот на Зорица. Сите бевме во паника, знаевме сите до еден, тврдевме дека Вања самоволно не си заминала. Полицијата цело време го наметнуваше тоа, но ние знаевме дека дека не е така. Немаше причина сама да избега, сведочеше Оли Нешковиќ.
Таа појасни дека секој од присутните помагал на свој начин за да се пронајде Вања.
-Сите баравме на свој начин. Се јавивме во Американска амбасада, за сателитски снимки, во Британска амбасада. Звоневме секаде каде што ќе ни текнеше. Да имав број на Бајден на Бајден ќе се јавевме. Зорица била кај јасновидец во Србија, тоа потоа го дознав тоа, сведочеше сестрата на Александар.
Таа раскажа и за улогата на Гоце, кој е старо кумство на фамилијта Ѓорчевски, со кого не комуницирале со години, но кога исчезнува Вања, тој доаѓа на помош и имам клучна улога во прегледувањето на снимките. Тој го лоцира ,,цитроенот”, со кој била грабната Вања, а бил на убиениот Панче и прв алармира дека возилото е сомнително. На прашањето кој го повикал на помош Гоце, таа појасни:
-Колку што знам, мајката на Гоце, Кираца се јавила на Зорица за број од Александар, и таа ја известила, по што дошол да помогне. Гоце рече дека возилото е сомнително и сите се сложивме. Потоа на интернет пронајде дека по возилото се трага и е на исчезнато лице, рече Нешковиќ.
Таа одговори и дека станот во кој живеела Зорица со децата бил на име на Александар, кој му бил препишан пред разводот.
На прашање на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо до сестрата на Александар, дали била прашана од полицајците, дали има сознанија дека тој бил во врска со мајката на Вања, таа одговори дека ја прашале, но таа одговорила дека нема такви сознанија.
По сведочењето на тетката на Вања, сведочеше и нејзиниот син, Иво Нешковиќ. Тој кажа за барањето на Александар да му пише на Илон Маск да ја најде Вања преку сателит.
-Знаев дека Илон Маск нема да ми одговори на мене, Иво од Скопје. Но, му пишав за да го смирам вујко ми, бидејќи беше во страшна агонија, сведочеше братучедот на Вања, додавајќи дека секако не добил одговор од Маск.
Судењето е во тек.
Валентина Вурмо