Пишува Стојан АНДОВ
Можеби денес во Виена меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас навистина ќе почнат веќе долго најавуваните преговори за решавање на спорот во врска со името на нашата земја. Во овој досегашен период, и покрај средбата на двата премиери во Давос, немало елементи на преговарање, туку сите настапи и поединечни изјави и реакции на политичари од двете земји, имаа за цел да се создаде поволна клима за решавањето на спорот или, пак, да се оневозможи создавање поволна клима за таа цел.
Од наша страна настапи од квалификувани поединци со цел да се расипе климата, немаше. Од грчка страна, таквите настапи беа мошне чести. Да не ги спомнувам владиките и славните пејачи, во тој правец дејствуваа зачестените изјави на претседателот на Р. Грција Прокопис Павлопулос и поединци од редот на грчката опозиција. Некои двосмислени изјави на Коѕиас беа брзо релативизирани со дополнителни негови изјави.
Најпозитивно се држеше во таа фаза од грчка страна, премиерот Алексис Ципрас. Неговиот последен настап пред пратеничката група на Сириза е нешто ново. Тој ги обнови црвените линии на Самарас и на Коста Караманлис, велејќи „Сложено име што ќе важи за сите, предуслов е промена на Уставот“. Таа изјава сигурно не го јакне убедувањето во јавноста и во нашата и во грчката дека ќе послужи за создавање поволна клима за решение на спорот, туку создава нови забуни.
Ако навистина Ципрас има намера да го оконча овој спор, тогаш тој треба прво да проучи и да се увери како точно течел досегашниот процес на решавање на спорот и да види што во тој спор е веќе договорено, решено и потпишано од двете страни, за појасно да согледа што е тоа што останува да се реши. Инаку ако не постапи така, тогаш ќе му овозможи на секој иден грчи премиер да измислува нови услови и да не го признава тоа што е веќе решено. Во такви услови навистина е бесмислено некој да се надева дека овој спор може да биде решен кога и да е.
Да потсетам, Андонис Самарас како министер за надворешни работи на Грција, налутен од идеите на Робер Бадентер, при крајот на 1991 година, меѓу другото, бараше ние да го смениме Уставот. На 6 јануари 1992 година го сменивме Уставот донесувајќи два амандмани, чиј текст го усогласивме и во консултации и со Робер Бадентер. Тогаш кај нас имаше идеја да оствариме консултации со грчката власт, но таа намера беше неостварлива поради грчкиот став да одбие каков било контакт со македонските власти.
Во неколку следни години, грчката страна во пропагандата остана на барањето да се елиминира можниот „иредентизам“, кој би се засновал на некои одредби во нашиот Устав. Во преговорите во септември 1995 година, грчката влада прифати од Уставот да се елиминира какво било сомневање за иредентизам од наша страна, така што се согласи во Привремената спогодба да влезе став за грчкиот однос кон нашиот Устав со кој Грција не бара промени во нашиот Устав, туку инсистира да се даде свечено толкување на членовите во нашиот Устав за кои тие мислеа дека можат да бидат основа за иредентизам.
Така, во Привремената спогодба дадено е толкување на тие два члена од нашиот Устав дека од нив нема и не смее да се извлекуваат некои други права и барања на Македонија и дека двете страни се согласија со свеченото толкување на тие два члена во нашиот Устав. Друго барање во однос на нашиот Устав немаше, и со тоа прашањето на Уставот на нашата земја дефинитивно се реши и никој нема право да го покрева, доколку се држи до одредбите на Привремената спогодба.
Ако грчката страна забележи некои сомнителни појави за иредентизам од страна на нашата земја, во Привремената спогодба се предвидени мерките што треба да ги преземат двете страни тие појави да се спречат, но сите тие активности треба да се одвиваат врз основа на нашиот Устав, а не со негова промена.
Барањето да се решава проблемот во врска со името на нашата земја така што договореното име ќе се употребува за сите намени (ерга омнес) е сосема во спротивност со Резолуцијата 817 на СБ. Во таа Резолуција, страните во рамките на ОН и нивните афилијации ќе ѝ се обраќаат на нашата земја со референцата „поранешна југословенска Република Македонија“, надвор од тие граници никој не е должен на нашата земја да ѝ се обраќа на тој начин. Затоа денес, 140 земји во светот во билатералните односи со нас го користат нашето Уставно име.
Во првата фаза на преговорите во ОН, при крајот на март и првите денови на април 1993 година, имаше обиди од грчка страна референцата „поранешна југословенска Република Македонија“ да ни се наметне како име на нашата земја, но тоа ние го одбивме и во тие преговори добивме поддршка од Советот за безбедност на ОН и од „главните играчи“ во светската политика. Затоа Грција се согласи со нашиот став и гласаше за Резолуцијата 817 што беше донесена во Генералното собрание на ОН.
Дека Грција го прифатила решението на ОН доказ е и Привремената спогодба. Во неа навистина не се именуваа договорните страни, туку се користат обележувања како прва и втора страна, но придружен документ на Привремената спогодба, исто така, усогласен, како и текстот на Спогодбата, а тоа е Меморандумот за конкретните мерки за спроведување на одредбите од Привремената спогодба, потпишан од Љупчо Арсовски во име на македонската страна и Димитрис Кипреос од грчката страна, покажува дека Грција го прифаќа користењето на референцата „поранешна југословенска Република Македонија“ во согласност со Резолуцијата 817. Таа Резолуција не допушта примена на „ерга омнес“ како што сега тоа го бара и премиерот Ципрас.
Токму затоа кога грчките граѓани влегуваа и сега влегуваат во Република Македонија на нивниот пасош стои печат (документ Виза), која од наша страна гласи „ лицето влегло во Република Македонија“, а кога наши граѓани влегуваат во Грција со македонски пасош, тогаш грчките власти според Привремената спогодба ставаат посебен лист во македонскиот пасош на кој пишува „личноста сопственик на овој пасош доаѓа од „поранешна југословенска Република Македонија““. Тој лист важи само на територијата на Грција. Ниту една друга земја не го оспорува нашиот пасош, ниту го оспорувала.
Според тоа, сите спорни прашања што се решени досега нема основа одново да бидат отворани. А во согласност со тоа ниту во документите на ОН, ниту во практичната примена досега не е воведен и нема основа да биде воведен принципот „ерга омнес“, така што ако се договориме референцата да биде сменета и Македонија прифати име со додавка или без додавка, за тоа нема основа тоа име да важи и во употреба внатре во земјата и да влегува во документите на граѓаните. Затоа уште еднаш потсетувам, навистина во една фаза од преговорите во Советот за безбедност крајот на март и почетокот на април 1993 година грчката страна го постави барањето за „ерга омнес“, но тоа барање беше одбиено од Советот за безбедност, кој всушност го прифати нашиот став.
Ако не се почитува она што досега е договарано и завршено, туку се измислуваат нови барања, тогаш којзнае дали има смисла да се водат преговори и да се постигнуваат договори со Грција, ако секој иден премиер или претседател на Грција во својот мандат си земе за право она што е договорено и завршено пак да го отвора како тема за нови договори.