Барањата не се исполнети. Ова е пораката што студентите ја испратија до српскиот претседател Александар Вучиќ кој рече дека се што бараат се исполнува.
Студентите, како што објавија на Инстаграм, нагласуваат дека протестите продолжуваат, а за поднесените оставки од српскиот премиер Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, велат дека немаат врска со целта на студентите.
-Се работи за некаква „ситна“ политика и ако луѓето навистина мислат дека нашите барања се поблиску до исполнување поради оставките на некои функционери, грешат, вели еден од студентите на Филозофскиот факултет во Белград за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Тој вели дека блокадите ќе останат додека не се исполнат барањата и дека не гледа зошто претседателот би се изјаснил за барањата.
За денеска студентите најавуваат блокада на Српската инженерска комора за која велат дека е место кое е од суштинско значење за нивните барања.
-Инженерите застанаа покрај нас, препознавајќи ја важноста на нашите цели и правичноста на нашите барања. Нивната поддршка ни дава дополнителна сила во борбата за подобар систем кој обезбедува сигурност и иднина за сите нас, се вели во повикот од студентите објавен на Инстаграм.
На 30 јануари, пак, студентите од Белград најавуваат дека ќе тргнат на деведесеткилометарска протестна прошетка кон Нови Сад – со порака „на чекор од правдата“.
Според планот на движење што го имаат објавено, се очекува во вечерните часови на 31 јануари тие да стигнат пред Железничката станица во Нови Сад.
На 1 февруари најавуваат дека ќе има блокада на три моста во Нови Сад со што ќе бидат одбележани три месеци од уривањето на натстрешницата на реконструираната Железничка станица, во која загинаа 15 лица, а двајца се тешко повредени.
Протестите во Србија започнаа по уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад пред речиси три месеци, кога загинаа 15 лица. Тогаш студентите изнесоа четири барања.