Огромниот интерес за работа во Германија речиси ја блокираше страницата за поднесување барања за термини за издавање визи.
Листата на чекање за термин на кој може да се аплицира за работна виза во Германија беше отворена на 1 септември годинава, а веќе вчера била пренатрупана со барања.
Согласно германските закони, за целиот регион на Западниот Балкан определена е квота на работници кои годишно можат да аплицираат за виза во земјата.
Притоа, Македонија во таа распределба добива натпропорционален удел, но според интересот, ни тоа не е доволно.
„Согласно германската законска регулатива, во целиот регион на Западен Балкан смее да се доделат 25.000 визи годишно, од нив Северна Македонија добива годишна квота од 4.750 визи. Гледано според бројот на жители, на граѓаните од Северна Македонија, исто така поради Вашиот голем интерес, им стои јасно натпропорционален удел на располагање“, соопшти амбасадорката Анке Холштајн на Фејсбук.
Од Амбасадата во Скопје не соопштуваат бројка на оние што аплицирале, но велат дека нивната објава само во понеделникот имала над 50.000 прегледи.