Бараме волонтери да помогнат во потрагата по мајка ми, таа никогаш не би заминала без збор!

by Fokus

Виолета Крстевска Јаневска (60) од Скопје, на која и се изгуби траг на 22-ри март, се уште не е пронајдена. Случајот со исчезнувањето на семејната жена, вработена во Факултетот за безбедност, без здравствени проблеми, посветена на фамилијата и одговорна личност, и по 11 дена нема епилог.

Нејзината ќерка Анѓела два дена по исчезнувањето за ,,Фокус” ги раскажа деталите и апелираше за помош од јавноста. Појасни дека мајка и отишла во оптика, да ги подигне наочарите, а кога и по еден час не се вратила, таа ја побарала на телефон.

Цели два часа Виолета не одговарала на повиците на нејзината ќерка, а потоа телефонот и се исклучил. Анѓела отишла во оптиката, од каде и кажале дека мајка и ги зела наочарите и заминала. По два часа од исчезнувањето, сигнал од телефонот на жената бил фатен околу областа Јурумлери и Долно Лисиче.

Фамилијата на Виолета изминативе денови живее во неизвесност и трага по неа. За ,,Фокус” ќерка и вели дека постојано објавува апели во кои бара волонтери да се вклучат во потрагата, но одзивот бил слаб.

-Случајот е пријавен во полиција, се трага по неа. Бараме луѓе да помогнат, за да покриеме поголема површина, ама нема одзив. Сите кои сакаат да се вклучат во потрагата, или пак имаат било каква информација за мајка ми, можат да се јават на 071 370 185 – ни изјави таа.

Потенцира дека никогаш порано не се случило мајка и да замине некаде, а да не го извести семејството. Додава дека станува збор за одговорна жена, и целото семејство е вознемирено. Кога последен пат била видена, Виолета носела тренерки во тегет боја, дуксер во тегет боја, под него маица во плава боја, црно палто, црни чевли. Висока е околу 166 см, тешка е околу 52 килограми. Има кратка црвена коса и носи наочари за вид.

Вики Клинчарова

Поврзани новости