Голем број на родители на ученици во Основното општинско училиште Страшо Пинџур од Неготино реагираат на терминот на настава, односно не сакаат нивните деца да учат во втора смена, којашто започнува во еден часот на пладне, а се враќале дома во мрак.
Како што појаснуваат група на родители за ,,Фокус”, најпогодени се децата од околните села, кои откако ќе завршеле со настава после 18 часот, биле принудени да чекаат надвор на отворено да им дојде превоз, што значело дека дома се враќаат во 20 часот навечер.
-Во време на енергетска криза, со најави за исклучување на улично осветлување, нашите деца се принудени да стојат надвор, да чекаат превоз подолг период. И оние чии часови завршуваат околу 17 часот, како и оние чии часови завршуваат после 18 часот, мора да стојат надвор, пред училиштето. Не знаеме кој и како ја донесе оваа одлука. Децата од шесто до деветто одделение не беа анкетирани, не беа прашани нивните родители дали се согласуваат.
Училишниот одбор носи одлука за начинот на изведување на смените, потребно е и да се побара согласност од градоначалникот на Општина Неготино. Во случајов, не беа испочитувани правилата, и сметаме дека на овој начин родителите се игнорирани, а правата на децата се угнетени.
Се потпишаа и петиции од страна на родители, во кои јасно укажуваме дека не се согласуваме нашите деца да одат во втора смена и бараме решение, но најава за такво нешто нема- реагираат поголем број на родители на ученици.
Директорот на училиштето Сашо Ѓорѓиев, за ,,Фокус” вели дека нема место за негодување, бидејќи ротирањето на учениците е на почеток, и со тек на време ќе се средат сите проблеми и недоразбирања во интерес на учениците, но втората смена сепак ќе остане.
-Во училиштето имаме над 800 ученици, дел од нив се од Неготино, дел од околните села. Тоа значи дека имаме над 30 паралелки, а реално нема толку слободни училници. Поради тоа и функционира таа ротација, односно учениците од прво до петто одделение одат еден месец во прва смена, потоа наредниот месец во втора, исто е и со учениците од шесто до деветто одделение.
Имам разбирање за реакциите на родителите и ќе направиме се што е во наша можност за да се среди состојбата, односно на учениците кои треба да чекаат превоз по завршување на смената, ќе им се обезбеди топла училница, нема да бидат оставени надвор, посебно не во ладните месеци. Значи, ќе можат да останат внатре на топло, додека да им пристигне превозот. Втората смена започнува со настава во 13 часот, а последниот час завршува во 18.25.
Уверувам дека до 19 часот сите деца ќе бидат пристигнати дома.
Со оглед на реалната, фактичка состојба, тоа е единственото решение кое можеме да го понудиме – ни изјави директорот.
-Начинот на изведување на смените мора да биде утврден со Статутот на училиштето, а доколку има промени треба да биде предвиден со Годишната програма на училиштето во тековната година во конкретниов случај 2022/2023 година. Не се земени сите околности во предвид, посебно кога се учениците кои патуваат во прашање, тврдат родителите.
Повторуваат дека кој и да стои зад одлуката, треба да ги земе во предвид нивните реакции, и да се изнајде поволно решение за сите страни, првенствено во интерес на учениците.
И во минатото учениците од двете основни и средното училиште во Неготино учеа во две смени. Сепак, претходните години во основното училиште во прва смена во тек на цела училишна година учеа учениците од прво до петто одделение, а пак во во втора смена учеа од шесто до деветто одделение и немаше месечни ротации.
Во средното општинско училиште од оваа учебна година има промена, па сите ученици посетуваат настава само во прва смена. Неофицијално, причината е намалениот број на ученици, но одлуката да се учи само во прва смена беше поздравена од учениците и од родителите.
Вики Клинчарова