Одлуката за заеднички настап на изборите со опозициските партии на Албанците, како и неговата кандидатура за претседател на државата, се двете главни точки кои актуелниот лидер на Алијанса за Албанците Арбен Таравари очекува да бидат потврдени на вечерашниот вонреден конгрес на партијата што тој го свика во Скопје.
Таравари ова го изјави пред почетокот на конгресот, за кој рече дека легитимен, наспроти тврдењата на крилото на Алијанса блиско до поранешниот претседател на партијата и актуелен претседател на Централното собрание на АА, Зијадин Села.
-Конгресот е свикан заради две главни точки. Првата за да ја добијам поддршката од конгресот за да се кандидирам за претседател на државата и да почнеме да ги собираме потписите. Втората работа е да се потврди коалицијата што треба да се случи утре – рече Таравари.
На конгресот, додаде тој, ќе има уште една точка која се однесува на статутарни измени на одредби кои, како што кажа, биле злоупотребени изминатиов период. На прашањето што мисли за конгресот, исто така вонреден, што во недела го свика Села, Таравари рече:„Ова е легитимниот конгрес“.