Банско: ,,ОЛ ИНКЛУЗИВ’’ АМА ПЛУС ЕДЕН ЛЕВ ЗА ЛУТО ПИПЕРЧЕ

by fokus

Ски центарот Банско, соседна Бугарија, и годинава е една од најчестите зимски дестинации за македонците. Атрактивните туристички понуди од голем број на агенции, но и поволните цени во приватен аранжман се една од причините за популарноста на ова место на Пирин планина.

Така на пример, четиричлено семејство може да помине еден викенд во хотел со околу 300 евра, со вклучен појадок, ручек и вечера. Освен тоа, најчесто во оваа варијанта, со комплетна услуга и неограничено количество на храна и пијалоци, влегува и користење на сите услуги на хотелот, како сауна, базен, џакузи и масажа. Македонски семејства кои што редовно секоја година зимуваат во Банско, велат дека во хотелите имале и добри, но и лоши искуства. Туристи од Неготино, кои што платиле 360 евра за две ноќи, за четири лица за варијантата ,,All-Inclusive’’ ни раскажаа дека нивниот викенд за кој што верувале дека е комплетно платен, ги чинал уште додатни 200 евра во хотелот, бидејќи за секоја услуга плус, морале да платат дополнително.

,,За две ноќевања за мене, сопругата и двете малолетни деца плативме 360 евра, преку туристичка агенција. Ни беше кажано дека имаме храна и пијалок во неограничено количество, дека можеме да ги користиме сите услуги на хотелот бесплатно, како што се на пример сауната, базенот, масажа, џакузи… Но уште со самото влегување во хотелот сфативме дека ништо нема да биде така како што очекувавме. За сите дополнителни услуги во хотелот се плаќаше дополнително, а да биде работата уште полоша, храната беше за никаде.

Секој ден на менито имаше само пилешко, а кога за време на ручекот побарав едно луто пиперче, веднаш со него ми донесоа и сметка од еден лев, односно околу 32 денари.

За се од страна на исхрана што побаравме плус од понуденото веднаш ни се носеше сметка. Така нашето зимување ,,Ол инклузив’’ од 360 евра не чинеше над 500 евра за две ноќевања. Со тие пари можевме да си поминеме кралски ако се храневме во некој од многубројните ресторани во Банско’’ – ни изјави разочаран неготинчанец.

Но и покрај неговото лошо искуство, голем е бројот на туристи кои што се задоволни од услугата, но и од цените во ски центарот.

,,Со сопругот плаќавме по 80 евра од ноќевање, а во услугата беше вклучен појадокот, ручекот и вечерата. Во хотелот имаше Шведска маса, немаше што нема на трпезата. Сместувањето го најдовме преку интернет, не преку туристичка агенција, и многу сме задоволни’’- ни раскажа повозрасен пар, кој што секоја зима минува по неколку дена во Банско.

Покрај македонците, кои што се најбројни, во Банско има доста гости од Србија, Грција, Англија, Ирска, Германија… Голем е бројот на македонци кои што самите си побарале сместување по доаѓањето, и за ноќевање со појадок во апартман дуплекс платиле од 35 до 50 евра за цело семејство.

,,Има многу модерни апартмани по доста поволни цени. Храната во рестораните не многу скапа, слични се цените како кај нас, па така повеќе ни се исплати сместување од овој вид, отколку да плаќаме хотелско сместување со вклучени појадок, ручек и вечера’’ – велат нашите туристи.

Покрај големиот избор на традиционални специјалитети во рестораните, речиси во секој од нив има и жива музика, а репертоарите се состојат од познатите македонски народни песни, до српските турбо фолк хитови. И покрај забраната за пушење во локалите, сепак, доколку цело семејство реши да вечера во ресторан, веднаш добива и пепелник. На оние кои што се дојдени само на пијачка не им е дозволено да пушат внатре.Цените на ски билетот и изнајмувањето на ски опрема и годинава се слични како ланските.

Билетот е 65 лева, додека скиите се 15, а пак доста актуелните даски за сурфање на снег се 20 лева од ден. Помеѓу најактуелните даски биле оние со ликови на политичари, а Обама бил еден од најбараните.

Од повеќе туристички агенции ни потврдија дека и годинава има доста голем интерес за зимување во соседна Бугарија, посебно додека трае зимскиот распуст на учениците.

Вики Клинчарова

Поврзани новости