Банките се премислија: Ќе ги признаваат и ливчињата од МВР за истечена лична карта

by fokus

По бројните реакции во јавноста и на граѓаните кои не можат да си извадат нова или да го продолжат рокот на истечената лична карта, а со тоа не можат да си извадат пари од сметките, а банките на дел од нив им ги блокираше сметките, Управата за финансиско разузнавање дала мислење според кое, во банките и штедилниците ќе се прифаќа и потврдата што ја дава Министерството за внатрешни работи дека е во тек процедурата за вадење на лична карта.

Ова го соопшти Македонската банкарска асоцијација (МБА кои се повикаа на мислењето на Управата за финансиско разузнавање.

-Во случаите кога граѓанинот – постоечки клиент на банка/штедилница не поседува ниту валидна патна исправа – пасош или патна исправа со важност продолжена до 31.12.2021 година, ниту валидна лична карта, за користење на услугите и производите на банката/штедилницата на којашто е клиент ќе може својот идентитет да го потврди врз основ на увид во матичниот број на граѓанинот наведен во потврдата издадена од Министерството за внатрешни работи дека е поднесено барање за издавање на нова лична карта и дека постапката за издавање е во тек. Конкретно, станува збор за потврдата којашто редовно се издава при аплицирање (фотографирање) за нова лична карта, прецизираат од МБА.

Оттаму нагласуваат дека сите банки и штедилници веднаш започнуваат да го применуваат ваквиот начин на идентификување на клиентите коишто немаат валидна (важечка) лична карта, овозможувајќи им непречено користење на своите услуги и производи.

-Согласно со добиеното мислење од Управата за финансиско разузнавање, банките и штедилниците се должни за клиентите коишто во моментот немаат ниту валидна лична карта ниту валидна патна исправа, во најкус можен рок од моментот на добивањето на важечка лична карта или патна исправа, да направат ажурирање на документите и податоците за клиентот. Оттука, клиентите коишто во моментот немаат ниту важечка лична карта ниту важечка патна исправа (пасош), по добивањето на нов документ треба да ја контактираат својата банка / штедилница, со цел навремено ажурирање на податоците, потенцираат од МБА.

Освен лична карта, граѓаните во банките ќе можат да приложат и патна исправа, доколку имаат. Проблемот со издавањето на личните карти настана поради тоа што пратениците не го изгласаа Законот за лични карти, според кој личните карти треба да бидат со новото уставно име.

Банките не ги признаваат ливчињата за лични карти – граѓаните не можат да си извадат пари

Поврзани новости