Деловните банки во земјава повеќе нема да прифаќаат ефективни парични средства во норвешка круна (NOK) и шведскa крунa (SEK).
„ Причината за тоа се прекинатите врски за размена на ефективните парични средства во овие две валути од страна на деловните банки во Норвешка и Шведска поради зголемена претпазливост во врска со нивната регулатива за спречување перење пари, за што има официјални известувања од централните банки на овие две земји„, соопштија од Македонската банкарска асоцијација (МБА).
Од МБА објаснуваат дека одлуката за прекин на тргувањето со готовина во норвешки и шведски круни од домашните деловни банки нема да влијае на безготовинскиот промет односно клиентите и понатаму ќе можат на девизниот пазар да купуваат и продаваат норвешки и шведски круни, согласно своите потреби, на истиот начин како што од неодамна се одвива и тргувањето со дански круни (DKK).