Банките не им ги признаваат потврдите што им ги издава Министерството за внатрешни работи на граѓаните при поднесувањето на барањето за лична карта како доказ дека постапката за издавање на нов документ е во процедура. Народниот правобранител пак е преплавен со претставки од граѓаните кои не можат да си обезбедат лична карта.
Пензионер од Скопје вели дека се сликал за лична карта на 14 јули, но не можел да ја добие бидејќи Законот за лични карти не е донесен. Со потврдата не можел да си извади пензија од банка, како што ја вади секогаш, па морал со помош на ќерката да ја извади од банкомат. На оние кои не можат да си ги ажурираат податоците банките веќе им ги блокираат трансакциските сметки.
-Народниот правобранител во последниве неколку недели во континуитет дневно добива повеќе претставки од граѓани кои не се во можност да си обезбедат документи за лична идентификација/лична карта , и заради тоа се соочуваат со низа проблеми меѓу кои е и неможноста да располагаат со своите пари во банките. Тие се жалат дека навреме се регистрирале во системот на министерството за внатрешни работи( две до три недели пред истекот на рокот на важење на личните карти) ги уплатиле средствата и се сликале, но дека се уште не можат да ги добијат документите. Со оглед на тоа што банките не покажаа никакво разбирање за овие проблеми, Народниот правобранител со цел изнаоѓање на решение упати информации и до Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, како и кај Гувернерот на Народната Банка во кои побара итно наоѓање на времено/алтартанивно решение за оваа категорија на граѓани, изјави за „Фокус“, Сузана Салиу, заменик народен правобранител.
Во дописот кој го испратиле бараат потврдата што им се издава на граѓаните во МВР да се смета за валиден документ.
-Народниот правобранител предлага Владата на РСМ и Народната банка (во координација со деловните банки) во рамките на своите законски надлежности и соработка, веднаш да најдат времено решение со кое ќе им се излезе во пресрет на граѓаните кои веќе имаат уредно поднесено барање за добивање нова лична карта и имаат добиено потврда (бројче) од МВР, заедно со истечената лична карта да им се смета за валиден документ за идентификација за да можат непречено да ги остваруваат своите права и да ги користат банкарските услуги, се додека трае процесот на надградба и миграција во системот за издавање на лични документи при МВР, се вели во дописот кој го испратиле кај Народниот правобранител.
Како причина за застојот на издавањето на лични карти од МВР го наведуваат блокирањето на Законот за лични карти, според кој новите лични карти треба да бидат со новото уставно име.
-Со оглед на фактот што Законот за лични карти, кој МВР преку Владата на РСМ уште во март го достави во Собранието со цел да може да ги помине сите собраниски процедури и да можеме да отпочнеме со примена на ова законско решение од 1 јули 2021, е блокиран со 1.506 амандмани поднесени од опозицијата, досега 37.000 граѓани не можат да ги добијат своите лични документи. Имено, барањата на граѓаните за термин за фотографирање, односно аплицирање за издавање на лични карти редовно се примаат, од страна на МВР целата процедура се завршува,техничките можности на системот предвидуваат печатење на сите лични документи, вклучително и личните карти со новото уставно име, но МВР не смее да започне со издавање на новите лични карти сѐ додека Законот не биде на сила, велат од МВР за „Фокус“.
Оттаму уверуваат дека активно работат на разгледување на можните опции за изнаоѓање на солуција со која ќе им излезе во пресрет на граѓаните.
-Постапувајќи по реакции на граѓани според кои потврдата (исечокот од барањето) што граѓаните го добиваат при поднесување на барањето за лична карта како доказ дека постапката за издавање на нов документ е во процедура, со цел остварување на своите права низ инститциите во државата, не ги задоволува интерните политики на одредени деловни субјекти, се работи на изнаоѓање на солуција со која како дополнителен доказ можат да послужат патните исправи, односно личните документи со измината важност кои се во процедура на продолжување, за која деловните субјекти ќе бидат и официјално известени. Во меѓувреме, бидејќи на секој граѓанин мора да му се овозможи континуирано остварување на своите права, додека пратениците да го донесат ова законско решение, МВР им препорачува на деловните субјекти, особено оние од банкарскиот сектор, да ги прифатат потврдите од граѓаните како доказ дека постапката за издавање на нов документ е во процедура, односно да им излезат во пресрет на своите клиенти, со цел навремено подигање на нивните исплатени месечни приходи, порачуваат од Министерството.
Моментално издадените лични карти пак со име на државата „Република Македонија“, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во личната карта, но најдоцна до 12 февруари 2024 година.
Ф.Ф.С.