Банана република

by fokus

Народски кажано, ако утре некому му ја дупнете главата, претходно не заборавајте да си склучите договор дека некоја трета будала ќе одговара за надомест на штетата

Јанаки МИТРОВСКИ

Овој непопуларен епитет за една држава е создаден на почетокот од 20 век од страна на американскиот писател Вилијам Сидни Портер, мислејќи, пред сѐ, на тогашните јужноамерикански републики, кои само де јуре се ослободија од колонијално ропство, а де факто го заменија шпанскиот колонијален господар со американскиот колонијален господар.

Во модерно време, оваа кованица се користи да опише држави што не водат своја автентична политика, кои имаат слаб правен систем, или генерално се дефиниција за failed state.

ВЛАДЕЕЊЕ НА КРИВОТО

Не констатирам со задоволство дека Македонија од самата своја независност е банана република. И притоа не мислам првенствено на српско/бугарско/албанско влијание, туку на ултра слабите и со политика инфестирани институции. Во таква констелација на општествени односи, владеењето на правото е заменето со владеењето на кривото.

Такво криво во минатите години продуцираше државата преку формирање и одржување, надвор од здравиот разум и правна логика, на две одделни јавни претпријатија, кои имаат апсолутно иста дејност – Македонија пат и Агенција за државни патишта. Секој здравоумен би се прашал чуму две државни претпријатија, со тоа и двојни трошоци, а иста дејност, се потребни во оваа држава.

Откако добро ја исцицаа Mакедонија пат преку давање договори на подизведувачи да ја вршат ОСНОВНАТА дејност на претпријатието (стандард пракса во државните претпријатија), а кое е со механизација останата од бугарската окупација, и во немоќ да се справи со напластените долгови на МК Пат, тогашната извршна власт изнајде генијално решение – основање Агенција (не е врат, шија е) со истата oсновна дејност, но и со ексклузива да го прибира арачот.

Истовремено се измени и Законот за јавни патишта каде што се додаде став дека при „при настаната штета поради неодржување на јавните патишта ќе одговара правното лице на кое со договор му се отстапени работите за одржување на јавните патишта“.

Ваквата одредба, покрај што е срамна, е недозволива за норматива. Откако се донесоа овие измени, година и пол судовите редовно ги одбиваа тужбените барања кон Агенцијата, интенционално задолжувајќи ги  само Македонија пат, пресуда која граѓаните НИКОГАШ нема да можат да ја материјализираат поради погоре изнесените причини.

Воедно се донесоа измени на Законот за извршување, со кое се ограничи извршувањето врз средствата на јавните претпријатија и се забрани извршување на имотот на јавните претпријатија, противуставно привилегирајќи ги.

ПОДРИВАЊЕ НА ПРАВОТО

Благодарение на макотрпната работа на неколку адвокатски канцеларии, успеавме да ги убедиме судовите дека е правно неиздржано со договор да дерогирате законска одговорност, која произлегува од сопственоста, односно менаџирањето на јавните патишта, кое е на страната на Агенцијата.

Тоа секако не ѝ се допадна на владејачката политичко-судска „елита“, па во минатото полугодие фамозниот ни Врховен суд (граѓански оддел) испорача уште едно од своите фамозни правни мислења – Македонија пат да ти била одговорна ексклузивно, бидејќи со договор така си се договориле.

Да ми го говори ова граѓанин лаик-пеки, но да ми го говорат ова врховни судии, дека со договор може да се одреди кој е одговорен за надомест на штета што произлегува од самиот закон е бесрамно.

Формално-правно, ова правно мислење не значи ништо, бидејќи основните и апелациони судови не се обврзани со него, ниту претставува извор на право, настрана фактот што е неуставно. Но, за жал, нашите судии подложни на субординација што влече корени од некои минати времиња веднаш беспоговорно почнаа да го применуваат.

И така, во пресуда која се изрекува во името на граѓаните, и која треба да биде ваша правна заштита, се прифаќа дека смеете да си дерогирате одговорност со договор. Народски преведено, ако утре некому му ја дупнете главата, претходно не заборавајте да си склучите договор дека некоја трета будала ќе одговара за надомест на штетата.

Наместо законите да ги штитат оние на кои ѝ се наменети првенствено, а судот да биде чувар на правната сигурност, кај нас законите и судовите создаваат правна несигурност и го подриваат владеењето на правото. Ни за банана не сме!

Поврзани новости