„Банана филм“ за „Фокус“: Агенцијата за филм лаже, ние ги пријавивме за корупција, тие ни поднесоа кривична

by Fokus

Раководството на Агенцијата за филм лаже за да го сврти вниманието од нивното незаконско работење и како одмазда затоа што нивниот криминал е пријавен до надлежните институции. Ова е реакцијата на продуцентската куќа „Банана филм“ на барање на „Фокус“, а на поднесената кривична од Агенцијата за филм.

Од правниот тим на „Банана филм“ велат дека Агенцијата лаже дека инспекцијата на Министерството за култура нашла неправилности во работата на „Банана филм“, а инспекцијата го вели спротивното („Корисникот на средствата се придржувал кон финансискиот и оперативен план согласно Законот). Како што додаваат, сите надлежни органи потврдуваат дека во „Банана филм“ се работи законски и ниту еден надлежен орган во моментов не води постапка против оваа продуцентска куќа.

Реагираат дека неколку институции веќе заклучиле дека Агенцијата за филм работи незаконски и објаснуваат:

Според Записникот на инспекцијата на Министерството за култура од 4 април 2023 година, инспекторот јасно и недвосмислено утврдил дека нема неправилности во  работата на „Банана филм“, поради што и ја запрел постапката за инспекциски надзор. Записникот вели: „Не е утврдено ненаменско или спротивно на договорот користење на средства добиени од Агенцијата за филм, од причина што корисникот на средствата се придржувал кон финансискиот и оперативен план согласно Законот за филмска дејност“.
Потсетуваме дека инспекцијата на Министерството за култура ја разгледуваше работата на „Банана филм“ по барање токму на Агенцијата за филм. Ги повикуваме медиумите и јавноста да побараат коментар од самото Министерство или да го побараат записникот ИП.бр.57-27 од 04.04.2023 година и да заклучат на дело како Агенцијата лаже.

Сите филмови на „Банана филм“ се резултат на меѓународни копродукции и, покрај успехот како уметнички дела, тие поминуваат со позитивни оценки и низ домашни и странски ревизии, како и на ревизијата за паневропскиот фонд Еуримаж, и низ инспекција на Министерството за култура.

Од „Банана филм“ потсетуваат дека Агенцијата дала позитивни извештаи за сите наши филмови „Мајки“ (2010), „Врба“ (2019) и „Кајмак“ (2022).

Групата која сега незаконски владее со Агенцијата за филм ја пласира лагата за наводни неправилности во „Банана филм“ за да го дискредитира најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски и неговите домашни и меѓународни успеси кои се без преседан во современата македонска култура.
Оваа кривична пријава е поднесена со цел да се оправдаат најмалку две незаконски постапки на Агенцијата. Имено, раководството на Агенцијата незаконски одбива да ги доисплати средствата кои според правосилниот договор ѝ ги должи на „Банана филм“ за филмот „Кајмак“, кој е завршен лани и од тогаш со успех го обиколува светот – од Јапонија до Јужна Америка. Таа иста група луѓе незаконскиодбива да потпише договор за проектот на „Банана филм“, „Биста“, иако минатата година го поддржаа како филм од национален интерес на конкурсот на истата таа Агенција, велат од „Банана филм“.

Според нив, лагата на Агенцијата и кривичната пријава имаат за цел и да се одвлече вниманието на јавноста од катастрофалните извештаи за работата на Агенцијата:

(1) на Државниот завод за ревизија, во кој е изразено неповолно мислење за работата на Агенцијата за филм, со бројни наоди за незаконска работа („Со извршената ревизија изразивме неповолно мислење во однос на вистинската објективност на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики за 2021 година“)

(2) на Транспаренси Интернешнал Македонија (со наоди за судир на интереси и концентрација на моќ)(https://transparency.mk/2023/03/14/transparensi-interneshnl-makedoni%d1%98a-konstatira-sudir-na-interesi-vo-rabote%d1%9aeto-na-agenczi%d1%98ata-za-film/),

(3) на Министерството за култура кое има негативно мислење по Годишните извештаи за работа на Агенцијата ,

(4) на инспекцијата при Министерството за култура кое констатирало судир на интереси во Агенцијата, но и од фактот дека

(5) Антикорупциската комисија активно ја истражуваработата на Агенцијата и ДФРМ и дека

(6) лани заклучи судир на интереси.

(7) Сериозни поплаки од повеќе филмаџии против Агенцијата и ДФРМ има и до вицепремиерката за антикорупција Славица Грковска, и тоа може да се провери во нејзиниот кабинет.

И самиот Манчевски, изминативе неколку години со пријави до надлежните институции укажал на корупција во Агенцијата за филм. Правниот тим на „Банана филм“ подготвува тужби и кривични пријави против луѓе во Агенцијата за филм и други за кршење на законот по повеќе основи, како и за попречување на професионалната работа, за клевета и за замолчување укажувачи на корупција.

Како продуцентска куќа која стои зад филмски проекти кои се културно наследство на Македонија, и покрај сè, ние веруваме во институциите и во нивната чесна работа за одбрана на јавниот интерес. Ја повикуваме Владата, откако ќе ги разгледа негативните извештаи за работата на Агенцијата за филм да ги разреши директорот и Управниот одбор поради бројнитенегативни оценки од релевантнитеинституции, а Обвинителството го повикуваме да отвори истрага против нив, велат од „Банана филм“ во реакцијата испратена на барање на „Фокус“.

К.С.Б.

Поврзани новости