САД имаат „света“ обврска според членот 5 од НАТО, кој гарантира заемна одбрана меѓу земјите-членки, изјави денеска во Литванија американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Повторувајќи ја решеноста на САД да ја бранат секоја педа од територијата на НАТО, тој нагласи дека Алијансата постојано ја разгледува својата одбранбена позиција, вклучително и дополнителното трајно распоредување сили што го бараат балтичките земји.
-Никој не треба да се сомнева во нашата подготвеност, никој не треба да се сомнева во нашата одлучност – рече Блинкен на прес-конференција.
Тој додаде дека Москва сака да ја поткопа демократијата во Литванија и дека работи на поларизација на населението со кибер напади и кампањи за дезинформација.
-Тоа е затоа што слободното, отворено, енергично и прогресивно општество што народот на Литванија го создаде по падот на советската окупација покажува дека тоа е можно кога луѓето го избираат патот на демократијата наместо автократијата – нагласи тој.
Неговиот литвански колега Габриелиус Ландсбергис повика на посилна одбрана на НАТО на балтичкиот регион и бара ембарго за продажба на руска енергија.
-Енергенсите што ги увезуваме ја плаќаат воената операција на Русија. Не можеме да платиме нафта и гас со крвта на Украина – рече Ландсбергис на прес-конференција со Блинкен.
Литванскиот претседател Гитанас Наузеда го предупреди Блинкен дека неуспехот да се запре руската агресија врз Украина може да резултира со глобален конфликт.
Наузеда рече дека Владимир Путин „нема да застане во Украина“ и дека светот има обврска да им помогне на Украинците „со сите можни средства“.
-Навистина мислам со сите средства, ако сакаме да ја избегнеме Третата светска војна. Изборот зависи од нас – рече Наузеда.
Блинкен ќе ги посети денеска и утре и Летонија и Естонија.