Во текот на попладневниот дел од расправата во Собранието за избор на нова Влада, пратениците од власта и опозицијата продолжија со изнесување оценки за предложениот владин состав и програма, доставени од мандатарот Зоран Заев.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива акламативно најавија дека нема да дадат поддршка за избор на новата влада.
Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, владината програма не обезбедува раст на економијата, развој на образованието и зголемување на стандардот на граѓаните.
Љупчо Балковски од ВМРО-НП истакна дека неговата партија која е во состав на коалцијата „Можеме“ е определена за демократизација на општеството, членство во НАТО и членство во ЕУ.
Тој ги налути пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи најголемата опозициска партија ја нарекуваше само ДПМНЕ.
-Ова седница е свечен момент затоа што првпат избираме Влада на Северна Македонија, како членка на НАТО и земја која ги почнува преговорите со ЕУ. ВМРО-НП ја поддржува оваа Влада, затоа што овозможи исполнување на евроатлантските перспективи на државата. ВМРО-НП отсекогаш се залага за членство на земјата во НАТО и во ЕУ, за разлика од ДПМНЕ која само декларативно ги поддржува стратешките цели на земјата, рече Балкоски.
На Балкоски му реплицираше Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Тоа е исто како јас да кажам дека вие сте НП – СДСМ, рече Стојаноска.
Балкоски одговори дека додека е пратеник ќе ја нарекува опозициската партија ДПМНЕ.
-Во ДПМНЕ не остана ништо од идеологијата на ВМРО. Целата идеологија премина во ВМРО-НП“, и врати Балкоски.
Собранискиот спикер Талат Џафери даде пауза на пратениците до 18.30 часот, по што ќе продолжи дебатата за избор на нова влада, з акоја треба да се гласа до полноќ.