Убави вести од Конференцијата на Бонската конвенција во Узбекистан: евроазискиот рис и неговиот загрозен подвид, балканскиот рис, се најдоа на списокот на преселни видови.
„Ова се одлични вести за сите заштитари од Европа и Азија“, вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво (МЕД).
Тој во Самарканд го образложи поднесокот за вметнување на балканскиот рис во Бонската конвенција.
„Што се однесува до балканскиот рис, со поддршката на владите на Македонија и Албанија сега може да преземеме понатамошни важни чекори за заштита на загрозената популација“, вели Меловски.
Предлогот балканскиот рис да биде ставен на Прилог 1 од Бонската конвенција го даде македонската Влада со поддршка на албанската. Ова е особено важно, бидејќи, со овој чин, властите недвосмислено се заложуваат да ја заштитат оваа ретка мачка. Преостанати се помалку од 50 возрасни единки од балканскиот рис. Распространувањето му е расцепкано низ Македонија, Албанија и Косово. Пред одржувањето на Конференцијата, партнерите на проектот – МЕД во Македонија и ППНЕА во Албанија – спроведоа кампања за овој важен исчекор во заштитата на балканскиот рис и лобираа кај владите во Скопје и Тирана.
Со вклучувањето на балканскиот рис на Бонската конвенција, владите од земјите се заложуваат да создадат најдобри можни услови за зачувување на балканскиот рис. Ова, меѓу другото, подразбира и развој на регионална стратегија за заштита на загрозениот подвид и нејзино преточување во национални акциски планови. Со ова ќе се овозможат прекугранични заштитарски активности, како што е мониторинг на балканскиот рис.
„Со оваа одлука властите во Северна Македонија и Албанија прават јасна заложба за заштита на балканскиот рис,“ вели Лиса Лешински, проектен раководител во партнерската организација Еуронатур. „Будно ќе следиме дали се спроведува ветеното.“