Бурни реакции во јавноста предизвика анализата изработена од Центарот за граѓански комуникации која беше објавена завчера, а според која македонските општини годишно од општинскиот буџет трошеле околу еден милион евра за изведувачи и забавувачи, ангажирани на општински манифестации.
Големи пари, односно петоцифрени суми во евра се давале на регионалните пејачки и пејачи, додека пак македонските музичари добивале помали хонорари.
Од Комората на музичката индустрија реагираат, како што велат, поради оваа реалност која граѓаните ја живеат веќе долги години, откако стана пракса да се канат балкански пејачи за големи пари на општинските манифестации. Отворено прашуваат дали македонските градоначалници воопшто знаат дека во земјава околу три години постои Комората, формирана по иницијатива на шесте музички здруженија од различни региони во кои членуваат повеќе од 2.000 музичари, а основана со педесетина правни субјекти според Законот за формирање стопански комори. Истата можат да ја контактираат секогаш кога планираат организација на забавни општински настани, со што доста ќе заштедат ангажирајќи домашни музичари.
– Комора на музичка индустрија се вика институцијата која е формирана со цел да ја озакони и подигне на ниво на кое доликува да биде македонската естрадна дејност, па ако сакаат да се обратат кај официјален претставник на естрадата, тоа е Комората. Така да им пренесете на градоначалниците!
Две години по ред го организиравме дочекот на Нова година на плоштад во Скопје кој лани траеше 15 дена со 100% македонски уметници и беше преполно, преубаво и никој не нѐ праша зошто немаме српски пејач, туку напротив, ја пофалија програмата, за ,,Фокус” појаснуваат од Комората, на чие чело е Горјан Стојановски.
Од таму, откриваат дека пред две години во Белград одржале состанок со претставници на музичките комори од сите балкански држави. Кога го спомнале проблемот со кој се соочуваат естрадните уметници во Македонија, дека за нашите градоначалници е еден вид на престиж кој ќе донесе поскапа регионална музичка ѕвезда на општински настан, претставниците се зачудиле и не им било јасно како може народни пари, од општински буџет, да се даваат на странци.
– Само што се оформивме пролетта 2022 година, на наша иницијатива бевме во Белград каде имавме состанок со претставници од сите балкански држави. Една од темите што ја наметнавме беше дека ни пречи тоа што доаѓаат балкански ѕвезди на општински настани и веќе кога е така, тогаш да има реципроцитет.
Нормално, наидовме на разбирање, бидејќи не им беше јасно зошто државен-општински буџет се троши на странски државјани.
Ако е некој голема ѕвезда, продукција ќе му организира концерт и луѓето ќе си платат карти за да отидат, а вака само некој градоначалник си кити со перја со народски пари, вели Стојановски.
Додава дека Комората будно ги следи сите збиднувања во нивната фела и собираат информации, за да делуваат соодветно во дадено време.
– Редовно сме во контакт со Министерството за култура и на последниот состанок токму оваа тема ја предложивме на новата власт, односно да влезе во ,,Национална стратегија” за наредните години, заедно со поголема процентуална застапеност на македонска музика на медиумите, истакна претседателот на Комората.
Дел од градоначалниците пак, на темава се правдаат дека ангажираат скапи регионални музичари, бидејќи токму тие носеле најмногу гости на манифестациите, што автоматски значело и економски придобивки за градот во кој се одржува настанот.
Но, повеќето граѓани не се согласуваат со овие ставови и актуелни се реакциите дека за пејачите се даваат парите на народот, а потоа, економски придобивки имаат само одреден број на приватни угостители, или пак сопственици на маркети и други продавници, каде повторно народот, во улога на посетител на настанот, плаќа со свои пари за услугите.
Бројни се коментарите дека во една земја, каде државни институции се радуваат на донации од странски земји, и тоа најчесто донации во областа на здравството или образованието, не смее да се дозволи такво расфрлање со народни пари и богатење на регионалните пејачки.
– За помалку од два часа пеење, странски пејачки од земјава си одат со хонорар кој е еднаков колку платата која на пример, ја добива еден наш лекар или професор, за две-три години работа! Како да сме Дубаи на Балканот, а не земја потоната во сиромаштија, каде повеќето граѓани, а посебно пензионерите, но и лицата со попреченост и нивните семејства едвај преживуваат!
Лоша пракса која градоначалниците ја прифатија со раширени раце последниве петнаесетина години, и која никако да ја прекинат, а средствата да ги пренасочат таму каде се најпотребни, се само дел од реакциите на народот.
Вики Клинчарова