Шпанската полиција денеска соопшти дека запленила 7,5 тони кокаин од Јужна Америка во северозападното пристаниште Виго, кој бил скриен во замрзната туна која требало да биде дистрибуирана низ Европа.
Во акцијата се уапсени и 20 лица припадници на две организации од Балканот, што, како што се наведува, е „голем удар“ за една од најсилните дистрибутивни мрежи во Европа, пренесува Ројтерс.
Полицијата вели дека тоа е најголемата количина досега запленета во Галиција, атлантскиот регион во Шпанија, која шверцерите ја користеле со децении за дистрибуција на дрога во Европа.
Наводната шверцерска мрежа, Балканскиот картел, основала компанија за увоз и трговија на замрзната стока од различни делови на светот, како и за инвестирање во недвижен имот и ја користела како фронт за шверц на дрога.
За време на повеќемесечниот надзор на компанијата, шпанската полиција утврдила дека компанијата ја прикривала својата вмешаност во шверц на дрога испраќајќи голем број контејнери со ознаки на различни компании од целиот свет до други пристаништа на Пиринејскиот Полуостров.
Полицијата запленила и 3,5 тони кокаин скриен во транспортни контејнери во пристаништето Валенсија.