Во ек на летната сезона, грчките плажи се преполни со туристи од Македонија, но и од Србија, Бугарија, Романија… Посебно во летувалиштата околу Солун, на Халкидики, но и околу Катерини, бројни се гостите од Балканот и на секоја плажа може да се слушнат некои од балканските јазици.
Но, голем број на туристи, со себе понеле и лоши навики на своето летување во Грција, па не може, а да не се забележат грдите слики со цигли на песочните плажи, кои балканците ги носат со себе во торбите за плажа, а потоа со нив ги фиксираат рогузините и крпите, за да си чуваат место.
Ако во минатото се случуваше некој да си фиксира крпа со помал камен, сега веќе се преминало на друго ниво, и со тешки цигли се оди на сончање.
Многумина уште на првиот ден од одморот со циглите во торба си „фаќаат“ добро место на плажата, а потоа рогузините со цигли врз нив, ги оставаат таму се до последниот ден од нивниот одмор, узурпијаќи го јавниот простор.
Дел од екипата на „Фокус“ сведочеше на таквата практика на Балканците, а туристи од Македонија и Србија кои уште првиот ден од летувањето дошле опремени со цигли, велат дека не прават ништо лошо, туку само се снашле, за да не мора секој ден да бараат слободно место на плажата.
– Кој ќе бара место по ова жешко време, овде ни е во близина апартманот, затоа и тука сакаме да се сончаме. Досега никој ништо не ни рекол, ниту пак некој се обидел да ги тргне рогузините со цигли, значи никому не сметаат. И преку ноќ си стојат овде, а и некој да ги земе, стари се, нема да биде голема штета, ни кажаа туристи кои си присвоиле дел од јавната плажа на една недела, колку што траел нивниот одмор.
Инаку, во Грција, на 50 проценти од плажите е дозволено да се постават лежалки на угостителски објекти, а останатите 50 проценти се слободни, за оние туристи кои одат на плажа само со крпа или рогузина и не сакаат да користат лежалка, за која се плаќа. Во Грција, конкретно, цената за лежалка со пијалок изнесува од 4 евра па нагоре, во зависност од пијалокот, но има и плажи со полуксузни лежалки, каде само лежалката се наплаќа 15 евра. Има и плажи каде лежалките во првиот ред се поскапи од оние во задните редови.
Околу оставањето на крпи и рогузини на јавните плажи, за да се чува место пак, бројни туристички места имаат донесено свои правилници, посебно во Хрватска. Таму комуналните претпријатија ги фрлаат во контејнер крпите кои се оставени во тек на ноќта, а на многу плажи се истакнати и правилници, во кои е потенцирано да не се оставаат крпи додека не се престојува на плажата во тек на ден, и посебно во тек на цела ноќ.
Вики Клинчарова