Балканштина

by Фокус

Балкански правила“ се изнаоѓање методи и средства за постигнување одредени цели со непочитување на правилата на играта, што подразбира примена на незаконски и насилни начини. Парадигматичен пример се токму сугестиите од евроатлантските емисари за „балканско решение“, за обезбедување мнозинство за уставните измени…

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Стендап (траги)комедијата со уставните измени постана вистинска мантра на македонските властодршци. Не фермаат никого, па премиерот Димитар Ковачевски зајадливо кажа дека ниту на крај памет не му доаѓа да го слуша гласот на народот, туку самиот себе, односно туѓите бели дворови!

Неговиот напален самонаречен „Проевропски фронт“ забревтано моделира демократура. Со кроце, со благо и малку ќотек, Бугарите мора да влезат во Уставот!

Парадигма на балканштина како контрапункт на рационалност, комбинација од арамилак, мафтосување и безаберност. Потврда и од најновиот извештај на Фридом хаус, кој земјите од Западен Балкан ги рангира во „делумно слободни држави“.

БАЛКАНСКОТО „БУРЕ-БАРУТ“

При неодамнешната посета на Конго, држава во Екваторијална Африка, францускиот претседател Емануел Макрон го употреби зборот „балканизација“, за да каже дека дури и една африканска држава е на вистинскиот пат, за разлика од субрегионот Западен Балкан.

Пред година-две, претседателот на источноафриканската држава Уганда, Јовери Мусевени повика да се спречи „балканизација“ на африканските народи.

Двете пораки се красноречиви – дури и „третиот свет“ да не практицира балканска политика, затоа што е погубна. Парадигма претставува субрегионот Западен Балкан како недовршени држави, чиј заеднички именител е меѓусебни конфронтации, нефункционирање и распаѓање на етничка и на политичка основа.

Во пежоративна смисла, метафората „балканштина“ означува поделба, фрагментација и расцепканост на нациите на помали единици, со остри судири на интереси и многу мали изгледи за изнајдување спогодбено решение.

Колективната метафизичка синергија на балканштината е продуцирање состојби ефект – дефект. Перверзен систем со коруптивни цели, опстојување на позиции, подмолност, фалш, лицемерие, ароганција и висока самодоверба без покритие.

Карактеристиките на балканските општества индицираат невообичаености во времето, просторот и луѓето, поради што интуитивно се поврзуваат со поставување социјална дијагноза, но и медицинска за „македонското прашање“.

Едно столетие и половина, българските учени и политици уверяват че „всички хора произхождат от маймуните, само македонците от българите“.

Оттука и метафората за „Балканско буре барут“, како термин за создавање големи држави со проширување на границите на постојните.

Култната театарска претстава „Буре барут“ од Дејан Дуковски, чија праизведба е врсник на македонската самостојност, исклучително точно ги дијагностицира проблемите на балканскиот ќор-сокак, особено чаламот, лажната самодоверба и чувството на посебна предодреденост.

СЕКОЈ СО „ДРЖАВА-БЛИЗНАЧКА“

Вечната балканска поделеност резултира секој народ со држава да полага наратив за право на своја „држава близначка“: Албанија-Косово, Грција-Република Кипар, Турција-Северен Кипар, Романија-Молдавија, Србија-Република Српска, Хрватска-Херцег Босна, Бугарија-Македонија.

Најтрауматични за балканштината се немањето чувство за државност, патриотизам и национално единство. Оттука и една од битните фалинки е предавството, чии основни мотиви може да бидат омраза, одмазда, завист, инает, рушвет.

Во преданијата и фолклорот, предавниците секогаш биле проколнувани и жигосувани. За идеолошките судири со трагични последици, најмногу придонеле туѓите пропаганди, чија зла коб е актуелна и денес.

Балкански правила“, пак, се изнаоѓање методи и средства за постигнување одредени цели со непочитување на правилата на играта, што подразбира примена на незаконски и насилни начини.

Парадигматичен пример се токму сугестиите, советите и медијаторството од евроатлантските емисари за изнаоѓање „балканско решение за обезбедување мнозинство по секоја цена за поддршка на уставните измени.

Најфреквентни карактерни балканштини останаа традиционалните фрази „Ќе биде“ и „Баш ми е гајлe“. Првата означува нешто неодредено, кое можеби ќе се реализира, ама воопшто не е сигурно, бидејќи треба време и бескрајна надеж. Втората синтагма, во себе содржи негативни и обични набои во однос на останатите луѓе и околината. Сѐ може да гори наоколу, но се вели „Баш ми е гајле“.

Апашлукот со ѓаволштината за уставни измени е зла намера со уште покобна последица за македонштината. Не напразно, литературниот великан и еден од најостроумните личности, Гане Тодоровски, стравуваше за иднината на државата, па во „Македонски монолог“ визионерски претскажуваше: „Толку страхувам, некоја јанsа ме јаде/ Да не би одново да те раздадеме“.

Поврзани новости