Балкан Гала навистина беше Гала, бидејќи изборот на музичките гости се покажа како одличен, велат од Камерниот оркестар Битола, по повод второто по ред музичко издание, кое се одржа на 6-ти и 7-ми јули на ракометното игралиште во Битола.
Дводневниот настан, со домашни и регионални музички гости, на некој начин помина и во знакот на сеќавањето на Тоше Проески. Гоца Тржан пееше негов хит и не можеше да ги скрие солзите, а пак Тони Цетински и Горан Каран наредниот ден по настапот на Балкан Гала го посетија неговото гробно место во Крушево.
-На отворањето на фестивалот со Рок Симфонијата, посетителите на Ракометното игралиште имаа можност да уживаат во настапите на одличните Жарко Јакимоски, Петар Младеновски (Суперхикс), Ружица Ареа, Гиле од Електрични Оргазам и Михајло Трајковски – Сак кој уште еднаш докажа дека со право е миленик на македонската публика. Последниот гостин на сцената кој што имаше чест да го затвори концертот Рок Симфонија беше Ристо Вртев, со чиј настап вечерта ја достигна својата кулминација, а на преполното ракометно игралиште во еден глас се пееја неговите песни.
Нема поубаво чувство кога работите на ваков фестивал и гледате дека сте организирале концерт кој никого не оставил рамнодушен, велат организаторите на фестивалот, диригентот Владимир Димовски и виолинистот Владимир Цветковски.
По Рок Симфонијата свој сет имал светскиот диџеј Дарен Емерсон, а пак следниот ден, 7-ми јули бил резервиран за Поп Симфонија.
-Вечерта ја отвори Виктор Апостоловски по кого следуваа настапите на Викторија Лоба, Александра Јанева, Ламбе Алабаковски и Ристо Самарџиев. Покрај настапите на нашите пејачи сцената и припадна на Гоца Тржан која по изведбите на нејзините најголеми хитови, не ги задржа солзите изведувајќи ја ,,Игри без граници” од Тоше. Со секоја измината минута атмосферата на Ракометното игралиште достигна кулминација со настапите на Горан Каран и Тони Цетински, кои ја затворија Поп Симфонијата пеејќи во дует. Водител на двете фестивалски вечери беше Ненад Ѓеорѓиевски.
Како организатори на второто издание на Балкан Гала, најголемата награда освен овациите и аплаузот на публиката кои подеднакво ги поддржа сите артисти кои се појавија на сцената, беше благодарноста на пејачите кон Камерниот оркестар на Битола, што ни потврди дека сме го направиле вистинскиот избор на артисти, што ни задава голем предизвик и сериозна задача за наредното издание на Балкан Гала, кој што како фестивал продолжува да се развива и да ги поместува границите на музичките настани, ни изјавија Владимир Димовски и Владимир Цветковски.
Вики Клинчарова