Балансерот ќе се укинува во фази

by Фокус

Укинување на балансерот, квалитет и образование пред етничката припадност, а истовремено почитување на Уставот за соодветна и правична застапеност, најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Тој денеска потенцираше дека бројките во рамките на дигиталната алатка балансер се променети да одговараат на пописните резултати на резидентното население од пописот во 2021 година. Лицата попишани во држави како Италија, Швајцарија, Германија, според него, нема да бидат дел од балансерот за вработување во Македонија.

-Укинувањето на балансерот ќе оди во фази, ова е првата фаза да се вратиме на законските основи на пописот во 2021 година, а потоа со закон и промена на методологијата, ќе одиме кон целосно укинување на алатката балансер, при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот, соодветна и правична застапеност на етничките заедници – вели Андоновски.

 

Демократската унија за интеграции, пак, остро реагираа  и велат дека оваа акција е директен напад на принципот на правична застапеност, еден од главните столбови на Охридскиот договор.

– Моноетничката влада го укинува Охридскиот договор, ја намалува правичната застапеност од 29,5 на 25%. Губитниците на изборите и партнерите на Стоилковиќ, заробени и немоќни, немо набљудуваат, но и активно придонесуваат за секојдневно деградирање на положбата на Албанците. Тоа е јасна последица на тоа што тие не се избрани претставници на албанската заедница, туку претпочитан партнер на ВМРО ДПМНЕ, ставајќи ги позициите во преден план, иако добија само трошки од институциите одземени од нивните надлежности. – велат од Демократска унија за интеграции.

Под надлежност на министерството за дигитална трансформација влегува и Управата за водење матични книги. Оттаму велат дека ќе се стави крај на митото кое вработени им го барале на граѓаните за да извадат некој извод од книгата за матична евиденција.

„За да постигнеме целосна дигитализација на услугите и сите услуги да бидат достапни, преку порталот на е-услуги, но и сите да бидат дигитализирани, ќе биде потребна целосна дигитализација на Управата за водење матични книги и сметаме дека онаа институција која што во своја надлежност го има регистарот на населението, а по новиот закон за организација и развој на органите на државна управа, треба управата да биде под надлежност на министерството за дигитална трансформација.“ – вели Андоновски.

Андоновски, најави дека во фокусот ќе бидат младите, образованието, градење дигитална иднина и нивна цел е државава да биде центар за технолошки иновации. За поделба на министерството законски се предвидени 30 дена.

Поврзани новости