Перспективите за сериозно решавање на прашањето за името сe повеќе се намалуваат, смета поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани. Таа смета дека грчката влада имала вистинска можност да го реши проблемот, но со начинот на кој управуваше со прашањето, според неа, сега води кон ќор-сокак.
– Сакам да бидам јасна дека можноста ќе можеше да се искористи и ќе имавме позитивен резултат, ако имавме една сериозна влада. Во овој момент имаме владино мнозинство поделено во три дела, рече Бакојани во интервју за радиото „Real fm“.
Според неа, една од главните грешки на актуелната грчка влада е одлуката да не се создаде национална стратегија заедно со останатите партии, што, додава Бакојани, резултира со тоа да се вмешаат и трети страни.
– Тоа го искористија и други сили, читај: Турците, влегоа на средина и ги охрабрија Скопјаните да не направат отстапки за основните прашања како што е Уставот, што е и предуслов, а резултатот е денес да имаме пораст на национализмот и во Грција и во ПЈРМ и секако перспективите за едно сериозно решавање на прашањето се повеќе се намалуваат – истакна поранешната шефица на грчката дипломатија.