При посета на Заводот за рехабилитација со физички попречености „Бања Банско“ од страна на Народниот правобранител во 2013 година се откриени четири случаи, чии дијагнози не кореспондираат со решенијата дека се лица со физичка попреченост.
Најсериозен случај беше со малиот Леон, кој тогаш на 8-годишна возраст беше врзан со јаже, објаснува заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска во разговор за Фокус.
Судот за човекови права во Стразбур донесе пресуда против државава поради повреда на правата на малиот Леон, кој бил пронајден од страна на Народниот правобранител во 2013 година врзан за својот кревет во Заводот за рехабилитација „Бања Банско“.
-Од заводот беа искрени и признаа дека не се подготвени за овие случаи, дека нивните решенија од Министерството за труд и социјала се за оваа институција. Ние веднаш испративме допис до МТСП, во ноември 2013 година, а одговор добивме дури во април 2014, по што беше формирана нова комисија и беше утврдено дека малиот Леон има аутистичен спектар на нарушување и одземен говор и беше префрлен во институцијата во Топанско Поле – вели Бајрамовска.
Таа појаснува дека постапката за Леон траела речиси година и пол, додека се направила повторна категоризација на детето, која, за жал, ги потврдила претходните наводи од Извештајот на Народниот правобранител, со соодветен извештај од државната здравствена установа-психијатрија, дека за работи за дете со комбинирани пречки во развојот, односно за дете што има аутистичен спектар на нарушување со одземен говор.
Затоа, додава Бајрамовски, детето продолжи да биде соодветно третирано во Заводот за рехабилитација на деца и млади во Топанско поле, а позитивното во сето тоа, спроед неа, е тоа што и на другите три деца им се направи соодветна категоризација, со цел да бидат соодветно сместени во установите.
-Министерството за труд и социјална политика нѝ одговори дека се покренати дисциплински постапки спрема вработените во министерството и постапка пред надлежниот центар за социјална работа за преиспитување на решението, но што се случило понатаму и каква одговорност е понесена не не информираа. За случајот веднаш се заинтересира и Хелсиншкиот комитет во октомври 2014.Целосната информација ја доставивме до нив, како дојдовме до сознанијата, кои мерки ги превзедовме, што констатира министерството, односно што не информираа… По ова, тие ја започнаа легалната процедура и еве има конечна разврска по шест години од Европскиот суд за човекови права.Сето она што било утврдено во нашите извештаи е докажано и донесена е пресуда во корист на Леон, дете без родители.Сметам дека со тоа е пренесена порака во иднина да бидеме многу внимателни како држава и институции и да не си играме со иднината на децата – вели Бајрамовска.
Како што веќе објави Фокус, малиот Леон, дете без родители, кое од три месеци бил сместен во јавни установи и за него водела грижа државата.Од пред Нова Година со процесот на деинституционализација е сместен во мал групен дом во селото Корешница близу Демир Капија.
-Леон е во добра состојба, има службено старателство, сместен е во мал групен дом со тројца цимери за кои има 24 часовна нега и грижа, а со него работат три стручни лица согласно праксата – изјавија извори од МТСП.
Случајот „Л.Р. против Северна Македонија“ го покрена Хелсиншкиот комитет за човекови права по посетата на Народниот правобранител на Центарот за рехабилитација „Бања Банско“, каде што детето престојувало во 2013 година и каде што била затекната стравотната слика – момчето било врзувано со јаже за креветот со образложение дека тоа било за негова безбедност бидејќи било хиперактивно.
Дополнително, осум стручни лица ставиле потпис на наодот во кој се вели дека Леон има физичка и психичка попреченост и е со телесен инвалидитет во тешка фирма, за подоцна Заводот за заштита и рехабилитација на деца младинци во Топанско Поле – Скопје да констатира дека тој е жртва на погрешна дијагноза.
Леон бил во оваа институција до пред Нова Година, од каде е сместено во мал групен дом. Со шест гласа „за“ и еден „против“, Европскиот суд за човекови права пресуди Северна Македонија да му плати на жалителот 18.000 евра за морална штета и 1.650 евра за судски трошоци.
Соња Танеска