Бајрами: Домашната валута и понатаму ќе остане стабилна, за тоа нема дилема

by Fokus 10:37
10:37

Вредноста на домашната валута ќе остане и понатаму стабилна и за тоа не треба да има никакви дилеми, вели во интервју за МИА вицегувернерот Фадил Бајрами.

– Сегашното, високо ниво на девизни резерви, како и плановите и проекциите за нивното движење во натамошниот период, се цврста гаранција за стабилноста на денарот. Кога станува збор за вредноста на домашната валута, не треба да има никакви дилеми дека таа и понатаму ќе остане стабилна, вели Бајрами.

- Advertisements -

Во однос на тоа што очекуваат оваа година и дали има простор за поддршка на економијата во справување со предизвиците од пандемијата, Бајрами посочува дека постојано се следат состојбите и дека доколку е потребно ќе се изврши соодветно приспособување на монетарната поставеност.

– Ние постојано, внимателно и темелно ги следиме состојбите и подготвени сме доколку е потребно да извршиме соодветно приспособување на монетарната поставеност. Она што секако е јасно и што го покажуваат глобалните текови, е дека е потребно монетарната политика да остане релаксирана за да го поддржи економското закрепнување сѐ додека трае неизвесноста околу завршувањето на пандемијата, но и во периодот после тоа. Во согласност со ваквите текови, ние ќе продолжиме со релаксираната монетарна политика, преку одржување соодветно, високо ниво на девизни резерви и на задржување на стабилен девизен курс на денарот. Секако, во секој момент сме подготвени да примениме и други соодветни мерки, кои се во наша надлежност и кои би дале соодветни резултати, вели Бајрами.

Тој напоменува дека ефектите од преземените мерки од почетокот на пандемијата потврдуваат дека Централната банка во рамки на своите надлежности обезбедиле соодветна поддршка за економијата и граѓаните полесно да го пребродат шокот и предизвиците што ги наметна пандемијата.

– Кога го говорам ова, пред се мислам на мерките што како централна банка ги спроведовме во текот на минатата година, како што беше намалувањето на основната каматна стапка на најниско ниво досега и пласирање на дополнителни ликвидни средства во банкарскиот систем, а преку него и во економијата, како и олеснување на банкарската регулатива која овозможи привремено одложување на кредитни обврски на граѓаните и компаниите кои беа најмногу погодени од кризата. Ваквите мерки на Народната банка овозможија да продолжи трендот на зголемување на кредитната поддршка на компаниите и домаќинствата од минатите години, но истовремено доведоа и до натамошно намалување на каматните стапки на банкарските кредити кои токму во овој период достигнаа историски најниски нивоа, рече вицегувернерот.

Бајрами додаде дека како централна банка им помогнале и на граѓаните и на компаниите, како и на општеството во целина, да останат „на нозе“ и да бидат доволно силни да продолжат со растот и развојот откако ќе исчезнат предизвиците наметнати од пандемијата. Впрочем, и споредбата со мерките што ги презедоа другите централни банки во регионот и пошироко, според него, го потврдува ова.

За финансискиот систем Бајрами наведува дека го издржа и соодветно одговори на ударот од кризата во 2020 година и дека тој има капацитет да се справува со натамошни предизвици и воедно да биде движечка сила за заздравување на економијата што ќе следува по периодот на неизвесност предизвикана од пандемијата.

– Особено е важно што банкарскиот систем, кој претставува доминантен дел од финансискиот систем, ја потврди отпорноста на шокови. За ова придонесоа и регулаторните барања и реформите кои во оваа област беа спроведени во изминатите години. Затоа сосема реално е да се очекува дека токму банкарскиот систем, задржувајќи ја солидната стапка на кредитен раст од околу 6 отсто на годишно ниво, да биде оној што ќе ја испорача клучната поддршка за економијата да се врати на патеката на економски раст, одговарајќи соодветно, како и досега, на потребите на граѓаните и на деловните субјекти. Исто така сосема реално е да очекуваме дека паралелно со растот на кредитната активност, во наредниот период ќе продолжат да растат и заштедите на граѓаните и компаниите во домашните банки, вели Бајрами.

Вицегувернерот смета дека вакцинацијата ќе има ефект врз глобалната економија, а во тие рамки и врз домашната.

– Веќе е општо познато дека интензитетот и случувањата поврзани со здравствената криза имаат големо влијание врз економските движења. Оттаму, спроведувањето на вакцинацијата, која е една од клучните стратегии за справување со пандемијата на Ковид-19, несомнено ќе има ефект врз глобалната економија, а во тие рамки и врз домашната економија која е зависна од случувањата на меѓународен план. Конкретно, вакцинацијата може да претставува позитивен сигнал што ќе ги поттикне оптимистичките прогнози и со тоа да придонесе економското закрепнување да се одвива и побрзо отколку што првично се очекуваше. Но, сепак се уште е рано да се прејудицираат такви ефекти, дури не се добие појасна слика за здравствените ефекти од вакцинацијата врз интензитетот на пандемијата, наведува Бајрами.

Поврзани новости