Бајден во Европа: Ерата на демократијата не е завршена

by Fokus

Американскиот претседател Џо Бајден со посетата на Британија го почна своето прво патување во странство откако ја презеде функцијата. Станува збор за осумдневна мисија за обнова на транс-атлантските врски затегнати за време на ерата на Доналд Трамп и за преформулирање на односите со Русија, пишува Радио Слободна Европа.

Турнејата претставува тест за способноста на демократскиот претседател да управува и да ги поправа односите со големите сојузници кои се разочараа од трговските тарифи на тогашниот претседател Доналд Трамп и повлекувањето од меѓународните договори.

Бајден – нема сомнеж во одлучноста на САД да ги брани демократските вредности

-Ова е решавачкото прашања на нашето време. Дали демократските сојузи и институции, кои толку многу го обликуваа минатиот век, ќе покажат отпорност против модерните закани и противници. Верувам во тоа. Оваа седмица во Европа имаме шанса тоа да го докажеме“, напиша Бајден во колумна објавена во Вашингтон пост.

Неговиот самит со рускиот претседател Владимир Путин на 16 јуни во Женева е можност директно да се покрене загриженоста на САД до Путин во врска со сајбер нападите што, според Вашингтон, произлегуваат од Русија, агресијата на Москва против Украина и ред други прашања.

Бајден од петок до недела ќе разговара со партнерите од групата Г7: Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија. На состанокот се очекува да доминираат дипломатијата за вакцини, трговијата, климата и иницијативата за обнова на инфраструктурата во земјите во развој. Американските власти сметаат дека тој напор е начин да се спротивстави на растечкото влијание на Кина.

Бајден може да се соочи со притисок да стори повеќе за да ги сподели резервите на вакцини во САД со други земји по првичната заложба од 20 милиони дози објавена минатата недела.

Неговиот притисок за глобален минимален данок на мултинационалните корпорации се соочува со противење дома. Министрите за финансии на Г7 се согласија пред самитот да ја следат глобалната минимална даночна стапка од најмалку 15% и да им овозможат на земјите да оданочуваат до 20% од вишокот профит генериран од околу 100 големи, високо профитни компании.

Републиканците излегоа против планот, потенцијално комплицирајќи ја способноста на САД да спроведат поширок глобален договор.

На денешната средба на Бајден со британскиот премиер Борис Џонсон пак, се гледа како на шанса за обновување на американско-британските „специјални односи“ по британското излегување од Европската унија. По самитот на Г7, Бајден и неговата сопруга Џил ќе ја посетат кралицата Елизабета во замокот Виндзор. 78-годишниот Бајден ја запозна кралицата уште во 1982 година кога беше американски сенатор од Делавер.

Потоа Бајден лета за Брисел каде на 14-ти јуни е самитот на лидерите на НАТО, а ден потоа ќе учествува на самитот на ЕУ. На агендата се очекува да доминираат Русија, Кина и повеќегодишното прашање за принудување на сојузниците на НАТО да придонесат повеќе за заедничката одбрана.

Бајден ја затвора турнејата во Женева со она за што може да се покаже како најтешкиот состанок на неговиот престој во Европа – средбата со Путин, кој уживаше во пријателски односи со Трамп.

 

Поврзани новости