Американскиот претседател Џо Бајден вети хуманитарна помош и реконструкција на уништените објекти во Газа, поздравувајќи го договорот за прекин на огнот меѓу Израел и палестински Хамас по 11-дневни борби.
Бајден, кој се појави на прес-конференција во Белата куќа непосредно по објавувањето на примирјето, исто така вети дека ќе го зајакне израелскиот систем за воздушна одбрана „Железна купола“, и покрај забелешките на демократите за потенцијална продажба на оружје на Израел во вредност од 735 милиони американски долари.
Бајден рече дека САД ќе соработуваат со Обединетите нации и другите големи меѓународни играчи за да обезбедат брза хуманитарна помош и обнова на уништените објекти.
Американскиот претседател истакна дека обновата ќе се изврши во партнерство со палестинската самоуправа, а не со Хамас, кој САД го сметаат за терористичка организација.
– Сакаме да направиме обнова со палестинските власти, не со Хамас, на начин кој не дозволува Хамас само да ги обнови своите залихи на арсеналот, рече Бајден.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс изјави дека државниот секретар Ентони Блинкен ќе отпатува во регионот во наредните денови за да се состане со израелски, палестински и регионални лидери за да разговара за реконструкција и заедничка работа на изградба на „подобра иднина за Израелците и Палестинците“.
Примирјето се случи по неколку дена интензивна дипломатска активност, при што Бајден разговараше со двајца лидери меѓу кои постои тензија – шест пати со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и еднаш со египетскиот претседател Абел Фатах ал-Сиси.
Вчерашниот разговор со Ал-Сиси е прв откако Бајден ја презеде функцијата во јануари.
Египет, кој има мировен договор и дипломатски односи со Израел, исто така одржува контакти со Хамас и отсекогаш играл важна улога во смирување на ситуацијата во Појасот Газа.