Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека убиството на лидерот на Хамас Јахја Синвар е „добар ден за Израел, за САД и за светот“ и го нарече можност да се ослободат израелските заложници и да се стави крај на војната во Газа.
Во изјавата, Бајден го спореди тоа со чувството во САД по убиството на водачот на Ал Каеда Осама бин Ладен, кој беше одговорен за нападите на 11 септември 2001 година, велејќи дека убиството на милитантниот водач „докажува уште еднаш дека терористот каде било во светот не може да ја избегне правдата, без разлика колку време е потребно“, пренесува АП.
Тој рече дека ќе разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со другите израелски лидери за да им честита и да разговара за враќањето на заложниците и за крајот на војната во Газа.
Бајден рече дека по убиството на Синвар, постои можност за „ден потоа“ во Газа без Хамас на власт и за политичко решение кое обезбедува подобра иднина и за Израелците и за Палестинците.
Тој ги пофали американските сили за специјални операции и разузнавачите кои ги советуваа израелските сили да го следат и лоцираат Синвар и другите лидери на Хамас во текот на изминатата година, иако САД рекоа дека операцијата во која беше убиен Синвар била израелска.
Советникот за национална безбедност Џејк Саливан го нарече Синвар „огромна пречка“ за мирот, додавајќи дека „неговото отстранување од бојното поле навистина претставува можност да се најде начин да се вратат заложниците дома“.