Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека убиството на лидерот на Хамас – Исмаил Ханије нема да помогне да се постигне договор меѓу Израел и палестинската милитантна група за ставање крај на конфликтот во Појасот Газа.
Американскиот претседател Бајден го изјави ова во базата Ендрјус во Мериленд, каде ги пречека поранешниот американски маринец Пол Вилан, новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович и руско-американската новинарка Алса Курмашева, кои се вратија во САД како дел од размената на затвореници со Русија.
Агенцијата наведува и дека Бајден имал телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој според него бил многу директен и дека разговарале за новото распоредување на американската војска за спротивставување на иранските закани.
Да потсетиме дека политичкиот шеф на Хамас, Исмаил Ханије, беше убиен во иранската престолнина Техеран од експлозивна направа што била скриена неколку недели претходно, јави Си-Ен-Ен.
Иранската влада и Хамас го обвинуваат Израел за убиството на Ханије. Израел ниту ја потврди ниту ја демантираше својата вмешаност. Израелските власти ги информирале американските власти за операцијата дури по атентатот, рече изворот.
Иранските државни медиуми и Хамас претходно сугерираа дека Ханије е убиен од ракета истрелана надвор од зградата.
Поради убиството на Ханије, Иран му се закани на Израел со одмазда, што ја поттикна загриженоста за ескалација на конфликтот на Блискиот Исток, пренесува Ројтерс.