Претседателот на САД, Џо Бајден, денеска ќе се обрати до нацијата во врска со новите иницијативи за борба со пандемијата и ќе повика на вакцинација.
Во САД се забележани двојно повеќе случаи на инфекции од корона вирс споредено со пред два месеца и тоа благодарејќи на „омикрон“, брзо распространувачка мутација на корона вирусот.
Во својот говор, Бајден ќе укаже на новите иницијативи што вклучуваат подигање на монтажни пунктови за вакцинација и нови федерални центри за тестирање низ целата земја, како и испраќање на 500 милиони брзи тестови на Американците на домашна адреса започнувајќи од јануари.
Ќе се опремуваат и болниците за справување со зголемениот број на хоспитализации, со нови апарати за вештачка вентилација на бели дробови и со маски. Ќе се прошири капацитетот на болниците за нови пациенти а владата ќе испрати на испомош и 1.000 воени доктори.
-Тој уште еднаш ќе подвлече дека ние сме подготвени и дека целосно вакцинираните луѓе можат да се заштитат со помош на повторна вакцинација и со носење маски според препораките на ЦДЦ (Центри за контрола на заболувањата), изјави синоќа на брифинг за новинарите Џен Псаки, портпарол на Белата куќа.
Додаде дека Бајден ќе се обрати со строго предупредување до оние кои не сакаат да се вакцинираат и ќе им појасни дека токму невакцинираните луѓе ги зголемуваат како бројот на хоспитализации, така и смртноста.
Според ЦДЦ, во САД моментално целосно се вакцинирани 204 милиони луѓе, а 61 милион лица или триесет отсто од населението, добиле и трета, засилувачка доза.