Бајден со остра критика до Нетанјаху: Повеќе му прави штета отколку корист на Израел

by fokus

Американскиот претседател Џо Бајден оцени дека пристапот на Бенјамин Нетанјаху кон војната во Газа „повеќе му штети отколку што му помага на Израел“, во интервју емитувано во саботата, додека нетрпеливоста на американскиот лидер кон израелскиот премиер станува се повидлива.

Нетанјаху „има право да го брани Израел, право да продолжи да го прогонува Хамас“, рече Бајден, но додаде дека „мора да посвети поголемо внимание на невините животи кои беа изгубени како резултат на преземените дејствија“.

-Според мое мислење, тој му прави повеќе штета отколку корист на Израел… тоа е спротивно од она за што се залага Израел. И мислам дека тоа е голема грешка, рече тој во интервју за MSNBC.

Тој додаде дека Израел ја губи поддршката во целиот свет.

Бајден и неговите помошници силно го повикуваат Нетанјаху да не се впушта во голема офанзива во Рафах додека Израел не развие план за масовна евакуација на цивили од последната област на Газа која сè уште не е нападната од копнените сили.

И покрај промената на тонот на Бајден, неговата администрација ги отфрли повиците на активистите да ја ограничат воената помош од милијарди долари што САД му ги испраќаат на Израел.

Газа се соочува со немилосрдно израелско бомбардирање откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, при што според официјалните податоци загинаа 1.160 луѓе, повеќето цивили.

Хамас зароби околу 250 заложници, од кои 99, според Израел, се уште се живи во Газа.

Во израелската одмаздничка операција во Газа под контрола на Хамас загинаа повеќе од 30.800 луѓе, главно жени и деца, според Министерството за здравство на територијата.

-Сакам да видам прекин на огнот, почнувајќи со голема, голема размена на затвореници, во период од шест недели. Влегуваме во Рамазан, ништо не треба да се случи и треба да продолжиме да го надградуваме тој прекин на огнот, рече Бајден во интервјуто.

Бајден избегна да одговори на прашањето за можноста за уште едно патување во Израел, кој го посети во октомври веднаш по смртоносниот напад на Хамас, кога им се обрати на пратениците.

Запрашан дали тоа е нешто што ќе го направи повторно, Бајден рече дека ќе го направи, но одби да каже дали бил поканет.

Поврзани новости