Американскиот претседател Џозеф Бајден најави дека ќе одговараат тие кои се одговорни за нападот врз американската база во Јордан, на границата со Сирија, во кој загинаа тројца американски војници, а најмалку 34 се ранети, обвинувајќи ги за нападот со беспилотно летало „радикални милитантни групи поддржани од Иран“.
– Оние кои се виновни за нападот ќе одговараат во времето и на начинот на кој ќе избереме – рече Бајден.
Тројца американски војници загинаа, а најмалку 34 се ранети во напад со беспилотно летало на помала американска база во Јордан, позната како кула 22. Тоа е првпат американски војници да бидат убиени од непријателски оган на Блискиот Исток од почетокот на војната во Газа.
Во меѓувреме, Исламскиот отпор во Ирак, чадор група на неколку вооружени милитантни фракции поддржани од Иран, ја презеде одговорноста за нападите на јорданско-сириската граница, вклучително и напад со беспилотно летало врз американската воена база.
Силите на исламскиот отпор објавија на својот канал Телеграм дека извршиле напади со беспилотни летала вчера, како дел од нивните напори, како што соопштија, „да се спротивстават на американските окупациски сили во Ирак“ и како одговор на израелските „масакри“ врз луѓето во Газа.
Бајден одржа едноминутно молчење во чест на загинатите војници, за време на неговото појавување во баптистичка црква на неговото патување во Јужна Каролина како дел од кампањата за претстојните претседателски избори.
– Имавме тежок ден на Блискиот Исток. Изгубивме три храбри души во напад на една од нашите бази – рече Бајден, а подоцна, по едноминутно молчење, додаде „и ќе одговориме“.
Американскиот претседател во заминување подоцна во писмена изјава изјави дека САД ќе ги „изведат пред лицето на правдата“ сторителите на нападот во, како што најави, време и на начин избран од САД.
Неколку американски сенатори повикаа на силен одговор на нападот, а некои сугерираат дека целите во Иран, кои тие го гледаат како главен виновник за смртта на американските војници, треба да бидат директно погодени. Тие сметаат дека нападот во Јордан ја преминал т.н „црвена линија“, односно дека е дојдена точка каде што е неизбежен жесток одговор.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин рече дека е „бесен“, додавајќи дека „нема да толерира“ напади врз американските сили. Тој исто така изјави дека ќе ги преземе сите неопходни активности за одбрана на САД, нивните војници и интереси.