Бајден: Нема да испраќаме војска во Украина

by fokus

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека испраќањето американски војници во Украина за да ја одвратат Русија од можен напад „не е на маса“ и најави дека наскоро ќе се одржи средба меѓу Русија и другите членки на НАТО.

Бајден рече дека Русија и најмалку четири големи членки на НАТО ќе се сретнат на состанок на високо ниво „за да разговараат за загриженоста на Русија за проширувањето на НАТО“ и дали може да се направи нешто за „да се намали тензијата на источниот фронт“.

Бајден им рече на новинарите дека за време на нивната двоиполчасовна средба, јасно му кажал на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија ќе се соочи со невидени економски последици доколку ја нападне Украина.

Тој додаде дека е сигурен оти Путин добро ја разбрал пораката. „Бев многу јасен: ако ја нападне Украина, ќе има тешки последици, економски последици какви што се уште не се видени.“

Белата куќа вчера објави дека Бајден не му направил никакви отстапки на Путин, кој е загрижен за можното членство на Украина во НАТО. Рускиот претседател побарал гаранции дека НАТО повеќе нема да се шири на исток.

Двајцата лидери вчера практично разговарале за Украина и други спорни прашања, во време кога американско-руските односи се на најниско ниво и додека руската војска се натрупува на границата со Украина.

Кремљ инсистира дека нема намера да ја нападне Украина и дека распоредувањето на армијата е од одбранбен карактер.

Бајден, исто така, рече дека САД ќе и`испратат одбранбени системи на Украина и дека имаат морална и правна обврска да ги бранат сојузниците на НАТО доколку бидат нападнати, но дека обврската не се однесува на Украина.

„Тоа не е на маса“, рече Бајден на прашањето дали армијата ќе спречи евентуален руски напад врз Украина.

„Ќе зависи од тоа што ќе кажат другите членки на НАТО. Но, идејата САД еднострано да користат војска против Русија што ја напаѓа Украина… не е опција“, рече Бајден.

Поврзани новости