Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека не очекува во блиска иднина да се постигне договор за прекин на огнот во Газа, бидејќи предлогот поддржан од САД и меѓународната заедница не е целосно прифатен ниту од Израел, ниту од Хамас.
Бајден рече дека меѓународните лидери на самитот на Групата седум во Италија разговарале за прекин на огнот, но на прашањето на новинарите дали наскоро ќе биде постигнат договор за примирје, Бајден едноставно одговорил – „Не“.
Претходно денеска, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан ги негираше тврдењата дека Израел не е целосно посветен на предлогот за прекин на огнот со Хамас.
„Израел го прифати овој предлог. Израел не се противеше, ниту го повлече“, рече Саливан.
Хамас одговори на планот нудејќи свои амандмани.
Хамас вели дека бараните промени имаат за цел да гарантираат траен прекин на огнот и целосно повлекување на израелските трупи од Газа. Предлогот за прекин на огнот објавен од Бајден ги вклучува тие одредби, но Хамас изрази претпазливост околу тоа дали Израел воопшто ќе ги спроведе условите.