Американскиот претседател Џо Бајден ја назначи долгогодишната дипломатка Џули Тарнер за специјална пратеничка за човекови права во Северна Кореја, пополнувајќи го работното место кое беше празно за целиот мандат на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Џули Тарнер доаѓа на функцијата од местото директор на Канцеларијата за Источна Азија и Пацифик во Одделот за демократија, човекови права и труд на Стејт департментот, соопшти Белата куќа, додавајќи дека Тарнер зборува корејски и претходно работела на прашања за човековите права во Северна Кореја како специјален помошник во канцеларијата на пратеникот.
Местото на специјален пратеник за човекови права е празно од јануари 2017 година, односно од времето кога поранешниот претседател Доналд Трамп се обиде да воспостави односи со Пјонгјанг и трипати се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун. Ова доведе до смирување на тензиите меѓу двете земји, но не резултираше со долгорочен договор.
Амбасадорската позиција беше утврдена со закон од 2004 година за да се изврши притисок врз Северна Кореја, една од најавторитарните земји, за прашањата за човековите права.
Тензиите меѓу Северна Кореја и нејзиниот јужен сосед, САД и Јапонија, се зголемија во последните месеци поради рекордниот број лансирања на ракети од Пјонгјанг во 2022 година.
Во својот последен годишен извештај за состојбата со човековите права во Северна Кореја, Стејт департментот наведе значителни прекршувања, вклучувајќи масовно затворање и принудна работа.