На помалку од две недели до формалното завршување на својот мандат, американскиот претседател Џо Бајден донесе уредба со која се прошируваат категориите на лица кои подлежат на санкциите на САД поради обиди за опспорување на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите од Западен Балкан, обиди за поткопување на повоените договори и институции, како и учество во значителна корупција.
Меѓу новитетите донесени со уредбата се дека санкциите ќе ги опфатат и сопружниците и возрасните деца на санкционираните лица, лидерите или членовите – владини или деловни – на санкционирани субјекти, како и оние под чија контрола се санкционираните лица или субјекти.
Причини за санкции во иднина ќе бидат и обид за загрозување на мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било држава од Западен Балкан, обид за сериозна злоупотреба на човековите права во Западен Балкан, обид за учество во корупција, како и обид за учество во дејствија или политики што ги поткопуваат демократските институции во земјите од Западен Балкан.
Во уредбата се наведува и дека санкциите ќе се применуваат на лица кои директно или индиректно учествувале или се обиделе да учествуваат во кршење, попречување или загрозување на спроведувањето на регионалната безбедност, мировните договори или договорите за меѓусебно признавање на Западен Балкан.
Вклучувајќи го и Договорот од Преспа од 2018 година; Охридскиот рамковен договор од 2001 година; Резолуција 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации; Дејтонскиот договор; или заклучоците од Советот за имплементација за спроведување на мирот одржан во Лондон во декември 1995 година, вклучувајќи ги одлуките или заклучоците на високиот претставник, Советот за спроведување на мирот или неговиот Управен одбор; или Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, или, во однос на поранешна Југославија, Меѓународниот преостанат механизам за кривични трибунали…“се наведува во уредбата донесена од американскиот претседател.