Немам намера да заминам, изјави американскиот претседател Џозеф Бајден, говорејќи за неговата кандидатура за претстојните претседателски избори, за време на церемонијата во Белата куќа по повод Денот на независноста на САД.
Вчера Бајден беше домаќин на годишната прослава на Денот на независноста, која вклучуваше скара за неколку илјади активни воени членови и нивните семејства, пренесува АП.
На приемот, едно лице од публиката му викаше на американскиот претседател: „Продолжи да се бориш! Ни требаш!“, на што Бајден одговори: „Можеш да сметаш на мене. Немам намера да заминам“, повторувајќи го неговото ветување да остане во трката за нов мандат и покрај се погласните повици за негова оставка.
Според Гласот на Америка, се чини дека Бајден има само уште неколку дена да ги убеди демократите дека е подготвен за уште еден претседателски мандат и покрај неговиот катастрофален настап на дебатата минатата недела против републиканецот Доналд Трамп.
Во интервју за радио станица во Висконсин, Бајден рече дека „влогот е многу голем“.
„Знам дека го знаете тоа. Демократијата, економската слобода, сето тоа е во опасност… Канцеларијата на претседателот е најмоќната функција во светот и ни треба некој мудар и со карактер“, рече Бајден.
Ова интервју е дел од медиумската тактика на тимот на Бајден да го изложи што повеќе во медиумите, во момент кој е од клучно значење, како што велат претседателот и неговите соработници, за неговата кандидатура. Некои донатори се повлекуваат или најавуваат повлекување од кампањата, изјави за АП извор запознаен со ова прашање.
По прославувањето на Денот на независноста во Белата куќа, Бајден денеска ќе биде на митинг во Висконсин, каде што ќе даде и телевизиско интервју во прајм-тајм со Џорџ Стефанопулос од ABC.
Во недела американскиот претседател ќе одржи прес-конференција во Филаделфија по повод самитот на НАТО, кој почнува следната недела во Вашингтон. Меѓутоа, прашање е што ќе се случи со кампањата доколку Бајден не се претстави добро во интервјуто за Еј-Би-Си, јави Гласот на Америка.
Засега Бајден вели дека не е подготвен да се повлече, а тоа го пренесе и на состанокот со демократските гувернери, блиските соработници и персоналот во кампањата.
Конвенцијата на Демократската партија ќе се одржи на 19 август и таму треба да се избере формален кандидат.