Премиерот Зоран Заев во рамки на Минхенската конференција за безбедност се сретна со поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден, кој, како што соопштија од владата, упатил силни честитки за статусот поканета земја во НАТО и изразил цврста подготвеност да ја поддржи ратификацијата на Протоколот во американскиот конгрес, како и да ги охрабри парламентарните претставници на другите земји членки тоа да го направат колку што е можно побргу.
Воедно, Бајден нагласил дека успехот на Република Северна Македонија е успех и на политиките на САД и на Европската Унија, како и дека се радува на денот кога ќе биде заокружена ратификацијата на Протоколот и кога Северна Македонија ќе стане еднаков по важност партнер со другите сојузници во НАТО.
Премиерот Заев, пак, му се заблагодарил на поранешниот потпретседател на САД за неговите заложби за успешно разрешување на спорот со Грција и за поддршката на Договорот од Преспа кој го откочи процесот за нашето членство во НАТО.
На крајот, двајцата соговорници на средбата ги потврдија и афирмираа и идните перспективи за соработка меѓу САД и Република Северна Македонија во повеќе области со посебен нагласок на прашањата од заедничките безбедносни политики.