Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска најави дека „мирно ќе ја предаде власта“ на победникот на претседателските избори во таа земја, Доналд Трамп, на 20 јануари, односно на крајот на неговиот мандат.
„Мора да се прифати изборот што го направија Американците. Имаме одговорност да направиме што е можно повеќе во следните 74 дена“, рече Бајден во своето прво јавно обраќање откако Трамп прогласи победа на изборите во средата.
Тој оцени дека кандидатката на Демократската партија на изборите и актуелна потпретседателка на САД, Камала Харис водела добра кампања и дека треба да се гордее со неа.
„Таа водеше инспиративна кампања и сите можеа да видат нешто што јас рано научив да го почитувам, а тоа е нејзиниот лик. Таа има ‘рбет и има одличен карактер, вистински карактер“, рече Бајден.
Бајден нагласи дека ги разбира различните чувства меѓу Американците во однос на исходот од изборите, додавајќи дека е важно да се прифатат резултатите.
„За некои луѓе тоа е време на победа, за други време на загуба. Кампањите се натпревари, натпревари на визии. Земјата избира едно или друго, ние го прифаќаме изборот што земјата го направи“, рече Бајден.
Тој нагласи дека Американците не треба да се гледаат едни со други како непријатели.
„Не можете да ја сакате својата земја само кога ќе победите. Не можете да го сакате ближниот само кога се согласувате“, рече Бајден, пренесе Танјуг.