Американскиот претседател Џо Бајден го опиша како „грешка“ планот за намалување на даноците што британската премиерка Лиз Трас веќе го напушти. Тој, исто така, изрази загриженост дека фискалната политика на другите земји може да им наштети на САД во услови на „глобална инфлација“.
Според Бајден, „можел да се предвиди“ ваквиот развој на ситуацијата, во која неделава Трас беше принудена да се откаже од планот за значително намалување на даноците, што предизвика превирања на глобалните финансиски пазари.
Неговиот говор беше необична критика од американски претседател за одлуките за внатрешна политика на еден од најблиските сојузници на САД.
– Не бев единствениот кој мислеше дека тоа е грешка, рече Бајден за време на посетата на државата Орегон. – Не се согласувам со таа политика, но тоа зависи од Велика Британија, рече тој.
Американскиот претседател рече дека не е загрижен за јачината на доларот. Според него, американската економија е исклучително силна. – Загрижен сум за остатокот од светот, рече тој. – Проблемот е недостигот на економски раст и стабилна политика во другите земји, потенцира Бајден.
– Се работи за глобална инфлација, тоа е сериозно, рече американскиот претседател.