Врховниот суд на САД вчера го одби барањето на републиканците за отфрлање на 2,5 милиони гласачки ливчиња што пристигнаа по пошта во Пенсилванија, една од клучните сојузни држави во која победи новоизбраниот претседател Џозеф Бајден.
Судиите одбија да ја блокираат оваа сојузна држава да ја официјализира победата на Бајден.
Во кусото образложение на одлуката, Врховниот суд го отфрли предлогот поднесен од конгресменот Мајк Кели, соработник на Трамп и други републиканци од Пенсилванија, кои ја поднесоа тужбата на 3 ноември, тврдејќи дека проширувањето на одлуката на сојузната држава од 2019 година за гласање по пошта, е нелегална според државниот закон.
Пенсилванија беше една од клучните сојузни држави за време на претседателските избори. Со тоа Бајден освои 20 изборни гласови, победувајќи го Доналд Трамп, кој пак победи во оваа сојузна држава во 2016 година.
Државните службеници претходно ги верификуваа изборните резултати во сојузната држава.
Според Ројтерс, сите судии биле едногласни во одлуката, имајќи предвид дека во Врховниот суд конзервативците имаат мнозинство од шест спрема тројца, од кои тројца судии се назначени за време на мандатот на Трамп.
Во меѓувреме, тече процесот на транзиција на власта, кој започна откако шефицата на Службата за општа администрација Емили Марфи испрати писмо во кое го нарекува Бајден „очигледно избраниот претседател“.
Трамп и натаму не го признава поразот, иако неговите изјави веќе не се толку остри како на почетокот. Сега тој се почесто вината за неуспехот по судски пат да ја добие битката ја префрла на судиите, и најавува дека ќе се кандидира на изборите во 2024.