Американскиот претседател Џозеф Бајден синоќа ѝ се обрати на нацијата од Овалната соба на Белата куќа.
Тој ги повика Американците да ги намалат политичките тензии и да не заборават дека се соседи едни на други, по атентатот во кој беше ранет поранешниот претседател Доналд Трамп.
„Нападот врз Трамп не повика сите нас да застанеме и да отстапиме назад“, рече Бајден и нагласи дека не смее да се дозволи овој вид насилство да стане нормален.
„Политичката реторика во земјата стана многу вжештена и време е да се олади. Сите имаме должност да го сториме тоа“, рече Бајден во говорот што траеше помалку од седум минути, пренесува Гласот на Америка.
Во говорот што го пренесоа сите големи ТВ мрежи, Бајден нагласи дека во Америка несогласувањата се решаваат „на гласање, а не со куршуми“.
Тој ги повика американските граѓани да не избрзуваат со заклучоци додека трае истрагата за пукањето на митингот на Трамп во Пенсилванија, една од државите кои одлучуваат за исходот од претседателските избори.
„Во Америка нема место за ваков вид на насилство, или за какво било насилство. Обидот за убиство е спротивно на сето она за кое се залагаме како земја. Ние не сме таква земја, тоа не е американски начин и не смееме да дозволиме тоа да се случи“, нагласи Бајден.
Тој наведе неколку примери на политичко насилство во последниве години, вклучувајќи го и нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година од приврзаниците на Трамп и нападот со чекан во 2022 година врз Пол Пелоси, сопругот на поранешната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси.
„Насилството никогаш не е решение“, рече Бајден.
Ова е трет пат Бајден да зборува од Овалната соба за да коментира прашања од големо значење за Американците откако ја презеде функцијата во 2021 година.
Претходно во неделата, Бајден им се обрати и на граѓаните од Белата куќа, а присуствуваа и потпретседателката Камала Харис и секретарот за правда Мерик Гарланд.
Американскиот претседател рече дека наредил темелна истрага за настанот на митингот на Трамп во Пенсилванија.