Со Бајден ќе ни биде понормално ако и самите стануваме понормални. Погрешно е да инсистираме минатото да ни биде подобро отколку што било, а сегашноста полоша отколку што е
Мерсел БИЉАЛИ
По една морска бура, долж плажата биле исфрлени безброј морски ѕвезди на суво. Некоја жена низ плач рекла – „Нема спас за нив, милиони се“. А, еден стар мудрец фатил една ѕвездичка и ја фрлил во море. „Ете, за оваа има спас“ – извикал мудрецот.
За три дена ќе се случат највозбудливите американски избори што воопшто се случиле последниве декади. Сериозни анализи навестуваат дека Трамп ќе стане историја. Впрочем, често се случувало политичари што го фалеле Господа, а го следеле ѓаволот, во нивните напори да создадат некоја историја, самите да завршат во неа.
Бројни аналитичари сметаат дека со Трамп САД видно го загубиле светското влијание. Според истражувањето спроведено во 13 земји од страна на истражувачкиот центар „Pew Research“, во повеќе земји, процентот на јавноста со позитивно мислење кон САД е на најниска скала од Втората светска војна. Дури и кај нејзиниот природен сојузник Велика Британија, тоа изнесува само 41 процент од испитаниците. А во Франција тој процент е под 30 отсто, додека кај Германците е само 26 проценти! Без дилема за тоа најмногу е заслужен самиот Трамп, кој изгледа трагаше за подобра иднина, а му фалеше минатото.
ГРЕШКИТЕ НА ТРАМП
Трамп видно ги оштетил двата важни столба на американската надворешна политика – НАТО и ЕУ. Тој на неколку наврати силно ја критикуваше Северноатлантската алијанса, која над 60 години беше фундамент на американската политика, третирајќи ја како „застарена“, и дека нејзините членки се „неблагодарни сојузници кои имаат само корист од американската великодушност“. Во својот мандат, Трамп повлече околу 170.000 војници од разни делови на светот. Изворот треба да се бара кај Џон Болтон – поранешен советник на Трамп за национална безбедност, кој од порано негуваше анти-ЕУ идеологија. Тој напиша дека „ЕУ е обоен со антиамериканизам“, па затоа го убедил претседателот да ја смести во противниците на САД, заедно со Кина и со Русија.
Познатата канадска аналитичарка – Маргарет Мекмилан, која предава на Оксфорд, во своето гостување во „Council on Foreign Relations“, кажа дека Трамп сериозно ја оштетил мрежата на сојузи и меѓународни институции. Најавите за повлекување на американските трупи од Германија (оти таа не издвојува доволно за заедничка одбрана), како и воведувањето царини за европските производи, но и заканите со санкции ако се пушти во употреба веќе изградениот гасовод „Северен ток -2“ – се сериозно уривање на принципите на американската надворешна политика. „Европа се навикна да се потпира на големиот брат во Вашингтон, а сега можеби Европејците мислат дека дефинитивно ќе треба самите да станат независни и самите да ја развиваат нивната надворешна политика“ – вели Мекмилан.
Од самиот почеток на мандатот, реториката на Трамп кон Кина е воинствена. Таа се интензивираше во претходните месеци поради пандемијата, која американскиот претседател ја нарече „кинески вирус“. И пред тоа, Трамп најави крајно чудни чекори, првин, обраќајќи му се директно на претседателот на Тајван – со што го прекрши преседанот од 1979 година, кога беа прекинати сите официјални односи со Тајван (поради субјективитет на Кина). Дури, во една пригода, поранешниот државен секретар Тилерсон најави блокирање на Кина со вештачки острови во Јужното Кинеско Море, ризикувајќи сериозен светски конфликт. По некое време, Трамп ѝ објави трговска војна на Кина, со што видно ѝ наштети и на самата американска трговија, додека бројни кинески компании мораа да се преселат во Виетнам и во Камбоџа за да ги намалат трошоците.
Трамп отворено негуваше симпатии кон светските лидери со мал демократски капацитет, особено кон Путин. Нему му попушти и за Сирија, чиј претседател користел хемиско оружје против бунтовниците. А, од друга страна, ја шокираше целата планета кога нареди да се убие Касем Сулејмани, најмоќниот ирански генерал што ги водеше воените операции на Блискиот Исток.
ШТО ЌЕ ПРАВИ БАЈДЕН?
За голем грев на Трамп му се смета и чудното повлекување на САД од борбата против климатските промени, повлекувајќи се од Парискиот климатски договор, кој официјално стапува во сила на 4 ноември, ден по претседателските избори (Бајден најави дека веднаш ќе постапи спротивно). За грев му се смета и преместувањето на американската амбасада во Ерусалим (со притисоци врз други земји истото да го прават), со што многу му наштети на мировниот процес таму. Истовремено со ваков чекор беа нарушени односите на Србија и Косово со ЕУ, која се противи на преместувањата на амбасадите. А за непростлив грев на Трамп му се смета и опасната доза на расизам, што доведе до големи поделби во земјата. Уште од старт Трамп им порача на конгресмените со различна боја на кожата „да се вратат во земјите од каде што доаѓаат“!
Многумина мислат дека штетата веќе е направена и дека многу е тешко тоа да се поправи. Но, сепак, познавачите мислат дека за да биде Бајден успешен во својот мандат, доволно е само да не го прави тоа што го правел Трамп, а за да биде најуспешен, ќе мора да го прави сосема спротивното од Трамп. Тој ќе мора радикално да ја сврти политиката кон европските сојузници, да ја консолидира Алијансата и да се зближи со ЕУ.
Без дилема дека и Западен Балкан ќе добие третман. За разлика од сегашниот претседател, кој нема директно искуство поврзано со Западен Балкан, а ни голема желба, Бајден се занимавал со регионот уште при првите знаци на воената криза во 1990-тите, како американски сенатор во тоа време. Бајден, исто така, ќе ги користи ЕУ и НАТО за да изгради заедничка стратегија за Западен Балкан. Тој има и знаење и искуство за да ги поттикне реформите и помирувањето во овај дел од Европа.
КАДЕ ЌЕ БИДЕМЕ НИЕ?
Нам никој не може да ни помогне однадвор, ако самите себе не сакаме да си помогнеме внатре. Со ваков егзодус на млади, за три декади, како единствени жители овде ќе останат само спомениците и пензионерите. Со вакво иселување се руши и главниот столб за секаков можен развој. Под итно ќе мора да се прави нешто сосема поинаку од постојното. Огромни куќи на иселеници, а внатре празни. Луѓето никој не ги подучил дека тоа се фрлени пари во воздух и дека од чалам кон комшијата не се живее. Никој не им кажал дека животот се живее во своја кожа, а не во туѓи очи. Не е лошо да отидеме на курс кај Тајванците за да дознаеме како е можно една земја со територија нешто поголема од нашата држава, да издржи околу 25 милиони жители со БДП по жител пет пати поголемо од нашето. А, пред 30 години бевме на исто ниво! Тие ќе можат да нè подучуваат како да развиеме модерно земјоделство, планински туризам, како да ги користиме термалните води. Бугарија вода може да ни носи за природните услови за ски-центри, а стана балканска мека за посетители.
Kинески експерти за инвестиции велат дека со паметно користење на природните ресурси што ги имаме, со професионално работење можеме да издржиме и до 20 милиони жители со пет пати поголем стандард од сегашниот. Но, тоа не оди со партиски миленици во клучни институции, кои често немаат никакво знаење, или имаат знаење, а немаат лице, или, пак, ги имаат повеќе од две. Доволно е да имаме идејни проекти за постојните потенцијали и ресурси, и истите да ги понудиме на странските силни инвеститори, за да стартуваме со сериозен развоен циклус. Со Бајден ќе ни биде понормално ако и самите стануваме понормални. Погрешно е да инсистираме минатото да ни биде подобро отколку што било, а сегашноста полоша отколку што е. А башка што никому досега не му успеала желбата да живее во минатото. Мора да тргнеме по логиката на мудрецот со морските ѕвезди.