Претседателот на САД Џо Бајден разговараше телефонски со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за начините за постигнување напредок во врска со потенцијално примирје во Газа и договорот за заложниците, соопшти Белата куќа.
Разговорот следеше по патувањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Блискиот Исток, кое заврши во вторникот без постигнување договор меѓу Израел и групата Хамас за примирје во палестинската енклава. Блинкен и посредниците од Египет и Катар се надеваа дека со американско посредување ќе се намалат разликите меѓу двете страни во 10-месечната војна во Газа.
„Претседателот Бајден разговараше со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, за да го разгледаат договорот за примирје и ослободување на заложниците, како и дипломатските напори за намалување на регионалните тензии“, се наведува во изјавата на Белата куќа.
На разговорот се приклучи и потпретседателката Камала Харис, која утре официјално ќе ја прифати номинацијата на Демократската партија за кандидат-претседател на изборите на 5 ноември.
Бајден се наоѓа на семеен одмор во долината Санта Инез во Калифорнија.
Во преговорите за запирање на судирите во 10-месечната војна, Хамас бара целосно повлекување на Израел од Газа, вклучително и од т.н. Филаделфиски коридор — тесен 14,5-километарски дел на јужната граница на крајбрежната енклава со Египет.